УЕФА се уште размислува дали преку Лигата на нации ќе има место на ЕВРО 2024

Европската куќа на фудбалот се уште официјално не ја донела одлуката дали најдобрите репрезентации од лигите А, Б и Ц во УЕФА Лигата на нации ќе обезбедат место на Европското првенство 2024 кое ќе се одржи во Германија.

Според дефинитивните најави, УЕФА до крајот на актуелниот месец а непосредно пред почетокот на третото издание на Лигата на нации закажан за јуни, треба и официјално да ја потврди одлуката дека три национални селекции преку Лигата на нации ќе обезбедат место на ЕВРО 2024.

Се очекува, согласно и начинот од претходното издание на Лигата на нации за пласман на ЕВРО 2020, сега за најдобрите три репрезентации од дивизиите А, Б и Ц, да има место на ЕВРО 2024. Но, сето тоа треба и официјално да биде потврдено од УЕФА.

Доколку се потврди таа одлука, тогаш и Македонија ќе има можност да се бори за ЕП во Германија преку Лигата на нации. Македонија, како што е познато, е во Ц-лигата во Групата 4 заедно со Бугарија, Грузија и Гибралтар. Доколку го обезбеди првото место во групата Македонија ќе се пласира во полуфиналето на Ц-лигата како можност за пласман во финалето. Победникот во финалето би обезбедил учество на ЕП 2024.

Третото издание од Лигата на нации за Македонија почнува на 2. јуни со гостувањето против Бугарија во Разград. Потоа на 5. јуни е уште еден гостински натпревар, против Гибралтар за да во јуни се заокружи со дури уште два натпревари, на домашен терен, против Грузија на 9. јуни и со Гибралтар на 12. јуни во Скопје.

Се вчитува...