Уште една „нула“ за Металург во Лигата на шампионите

Металург останува на нула и по петтиот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите, откако загубија и од Чеховски медведи со 33-25 на гостувањето во Русија. На овој натпревар, на клупата на македонскиот вицешампион го немаше тренерот Данило Брестовац кој беше казнет од ЕХФ со еден меч суспензија.

И, ако на претходните четири натпревари, отпорот на „металурзи“ издржуваше четириесетина минути, овој пат падот дојде многу порано. Металург имаше краток блесок на почетокот на вториот дел, но не и сила за пресврт и за позитивен резултат.

Уште во 10.минута, Чеховски медведи имаа четири гола предност (7-3), а по првата четвртина веќе водеа со 10-4. Металург во овој дел од натпреварот имаше многу промашувања и слаба реализација во нападот, но и сериозни пропусти во одбраната и домаќините сето тоа знаеја да го казнат. Тајм аутот и двете измени во составот донесоа малку свежина во играта на Металург. Никола Даниловски на голот го замени индиспонираниот Мартин Томовски, а  Андрија Миличевиќ влезе на местото на Милан Лазаревски на пикерската позиција.  Даниловски одбрани седмерец, „металурзи“  врзаа три гола во серија и со погодокот на Мартин Велковски намалија на 11-8. Но, тука застана и наместо да намалат на два гола негатива, погрешија и им овозможија на домаќините повторно да се одлепат (16-11).

За одбележување во финишот на првиот дел е погодокот на 15-годишниот српски ракометар Стефан Додиќ последен за Металург пред паузата на која заминаа со пет гола негатива (18-13).

Македонскиот вицешампион имаше свои минути на почетокот на второто полувреме. Двете врзани одбрани на Даниловски донесоа дополнителна сигурност во играта на Металур што резултираше и со три погодоци и намалено водство на домаќинот на 18-15. Шест минути им требаа на Чеховски медведи да дојдат до првиот погодок во второто полуврeме.

Металург во втроото полувреме играше многу посигурно и поконкретно во нападот со драгоцената поддрѓка што ја имаше од Даниловски на голот. Сето тоа се одрази и на резултатот и на средината од второто полувреме „металурзи“ успеаја да намалат на гол разлика со погодокот на Анте Токиќ за 21-20. Сепак, и овој пат недостасуваше сила за комнплетен пресврт. Домаќините успеаја да го сопрат налетот на Металург, на десет минути пред крај  веќе беа на највисоки +7 (28-21) и ја обезбедија втората победа во групната фаза во ЛШ.

Халил Јагањац повторно беше прв стрелец во составот на Металург со седум гола, четири постигна Анте Токиќ, а со по три гола завршија Марио Танкоски и Мартин Велковски. Никола Даниловски го заврши натпреварот со девет одбрани. Кај Чеховски медведи најефикасен беше Дмитри Санталов со максимални шест од шест.

Следниот натпревар во Лигата на шампионите, Металург го игра на 4 ноември по паузата за репрезентативните настапи, и тоа повторно против Чеховски медведи, но овој пат во Скопје.

Се вчитува...