На Европскиот куп за мечувалци до 23 години, „Осло Куп 2025“, кој се одржа викендов, во Осло, настапија 7 македонски мечувалци, 5 машки и 2 девојки. На купот настапија Огнен Бундалески, Петар Дамјаноски, Петар Србиноски, Матеј Тодоровски и Павел Трпковски во машка и Неда Коцевска и Дафина Блажевска во женска конкуренција.
Освен Србиноски, кој има 21 година, сите останати се на возраст до 18 години. Во силна конкуренција од 20 европски држави и 84 натпреварувачи во машка конкуренција, дури 4 македонски мечувалци успешно ја минаа групната фаза и се пласираа во директна елиминација. Со победи во првите елиминациски борби за пласман меѓу 32, настапот го продолжија Огнен Бундалески и Петар Дамјаноски, кој победи и во втората борба и се пласира во првите 16. За жал, во неизвесна борба, загуби со тесен резултат и на крајот го освои 14 то место.
Ова претставува досега најдобар резултат на некој македонски мечувалец, особено што се работи за млад спортист кој штотуку наполни 17 години. Огнен Бундалески со пласман меѓу 32 и тесен пораз од вицешампионот на Осло Куп, исто така го потврди својот квалитет и навести пробив кон врвот на европските јуниори.
За жал, настапот на девојките не беше на нивото на нивните колеги од репрезентацијата.
Националниот тренер и селектор на репрезентацијата, Билјана Кузмановска Николовска го оцени настапот како исклучително успешен. Се работи за многу млади мечувалци кои веќе успешно се борат и во сениорска конкуренција и постепено напредуваат на европската ранг листа. Сите прикажаа зрело и технички дотерано мечување, кое во комбинација со одличната физичка подготвеност им овозможи рамноправно да се борат со по возрасни мечувалци од држави во кои мечувањето е издигнато на скоро професионално ниво.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

