Екипите на Баскет Кам и на Про Баскет сепак ќе останат дел од елитното друштво во женската кошаркарска лига иако претходно беше донесена одлука дека на овие клубови нема да им бидат издадени лиценци за натпреварување поради неисполнување на условите поставени од страна на федерацијата.
„Согласно донесената одлука на Комисијата за лиценцирање, на ЖКК Кам Баскет и Про Баскет Кавадарци не им е издадена лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/27.
Кошаркарската федерација на Македонија останува доследна во спроведувањето на Системот за лиценцирање, со цел обезбедување транспарентност, финансиска дисциплина и исполнување на утврдените организациски и административни стандарди за учество во националните натпреварувања“, објави МКФ пред нешто повеќе од два седмици.
Во меѓувреме очигледно работата се промени, па од куќата на кошарката денеска ја објави листата на учесници во елитното друштво, во која се најдоа и поранешниот првак од Македонска Каменица и прволигашот од Кавадарци. Од МКФ потенцираат дека станува збор за усвојување на жалбите поднесени на овие два клуба до Арбитражната комисија.
„Кошаркарската федерација на Македонија ја известува јавноста дека, по усвојувањето на жалбите од страна на Арбитражната комисија на КФМ, Комисијата за лиценцирање врз основа на доставената документација, утврди дека се исполнети пропишаните услови за учество во Првата лига – жени за натпреварувачката сезона 2026/27.
Комисијата за лиценцирање, постапувајќи согласно Статутот на КФМ, Правилникот за натпреварување, Регистрацискиот правилник, Правилникот за лиценцирање, Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги и одлуките на Управниот одбор на КФМ, утврди дека клубовите наведени во продолжение ги исполнуваат пропишаните услови за учество, вклучително и условите во делот на финансиската дисциплина, согласно член 7.1 и член 7.1.4 од Пропозициите за натпреварување.
При утврдувањето на составот на лигата земени се предвид и член 7.1.3 и член 7.1.5 од Пропозициите за натпреварување, со кои се уредуваат бројот на учесници, преминувањето меѓу степените на натпреварување и статусот на Првата лига – жени како највисок степен на натпреварување во женска конкуренција.
Имајќи ги предвид конечниот пласман во натпреварувачката сезона 2025/26, спортски стекнатите права на клубовите, доставената документација и исполнетоста на условите во постапката за лиценцирање, Комисијата за лиценцирање предлага до Управниот одбор на КФМ, Првата лига – жени за натпреварувачката сезона 2026/27 да ја сочинуваат следните осум екипи:
ЖКК Крива Паланка – Крива Паланка
ЖКК Бадел 1862 – Скопје
ЖКК Баскет Кам – Македонска Каменица
ЖКК Вардар – Скопје
ЖКК Пробаскет – Кавадарци
ЖКК МЗТ Скопје Аеродром – Скопје
ЖКК Патриот 2016 – Делчево
ЖКК Гевгелија – Гевгелија
* ЖКК „Гевгелија“ – Гевгелија, како победник на Втората лига – жени во сезоната 2025/26, согласно член 7.1.3 од Пропозициите за натпреварување, стекна право на настап во Првата лига – жени за натпреварувачката сезона 2026/27.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
