Вајналдум: Со Барса преговарав цел месец, ПСЖ не го избрав поради парите

Џини Вајналдум со потписот на договорот со ПСЖ стави крај на трансфер-сагата откако холандскиот ас неколку месеци беше поврзуван со бројни европски гиганти, откако стана јасно дека ќе си замине без никаква отштета од Ливерпул.

Барселона долго време беше поврзувана со ангажман на Холанѓанецот кој беше голема желба на тренерот Куман, медиумите најавуваа дека е договорен и датумот за лекарски прегледи, за ситуацијата во последен момент да се промени, ПСЖ да влета на сцената и за два дена да го комплетира целиот трансфер.

„Минав цел месец во разговори со Барселона. Тоа е голем клуб и имав желба да му се приклучам, но никако не успевавме да се договориме, секогаш излегуваше нешто ново за што мораше да се разговара. Тогаш дојдоа луѓето од ПСЖ, ми го претставија проектот што многу ми се допадна и ми дадоа одлична понуда. Навистина, парите од ПСЖ се поголеми од понудата на Барса, но јас не ја прифатив нивната понуда поради финансиите, туку бидејќи ме убедија дека францускиот гигант е вистинскиот клуб за мене, со амбициите што ги имаат за наредниот период“, истакна Вајналдум.

Се вчитува...