Ванда Нара го носи Икарди кај Елмас во Наполи

ПСЖ е завршена приказна за Мауро Икарди. Аргентинскиот голгетер беше резерва кај Томас Тухел, се надеваше на поголема минутажа кај сонародникот Маурицио Покетино, но изненадувачки тој уште повеќе го „забетонира“ на клупата на актуелниот француски првак.

На поранешниот капитен на Интер му било дадено до знаење дека во иднина не се смета на неговите услуги, а неговата сопруга и агентка, Ванда Нара, веќе ја почнала потрагата по нов клуб.

Нивна заедничка желба е враќање назад во Италија, но приоритетот Јувентус делува како невозможна мисија. Се споменуваше и Рома како сериозна опција, но според последните информации во пол-позиција во оваа трка се наоѓа Наполи. Ванда веќе била контактирана од претседателот на „наполитанците“, Аурелио де Лаурентис, кој покрај добрите услови за Икарди, понудил и улога во некој од своите филмови што ќе ги режира во иднина.

Оваа опција е максимално интересна за Аргентинката, која според италијанските медиуми ќе стори се што е во нејзина моќ за да го испрати Икарди во Неапол.

Се вчитува...