Вардар го пречекува Куманово – ќе успеат ли „црвено-црните“ да го одбранат „Кале“?

Богатата прволигашка програма од 11. коло продолжува денеска со дуелот помеѓу Вардар и Куманово на „Кале“ од 17 часот, во кој двата тима ќе се обидат да се вратат на победничките патеки.

Избраниците на Јованчев мотивирано влегуваат во овој натпревар со цел да ја остварат првата победа во новата година, но и да го поправат впечатокот од последните два дуела кои беа одиграни на „Кале“. На дуелот против МЗТ Скопје младиот состав покажа карактер, одигра одлично прво полувреме, но доколку сака денеска да ги освои двата бода ќе мора да биде константен сите 40 минути.

„Одлично сме подготвени за денешниот натпревар. Куманово е добра екипа која не смее да се потцени и која игра добро сезонава. Нашата предност е што мечот го играме на домашен терен, а доколку се придржиме на нашата игра во одбрана и напад мислам дека може да изненадиме“ – изјави Дамјан Крстевски.

Куманово турнерјата во Бугарија ја заврши со половичен учинок од една победа и еден пораз, а и покрај густиот распоред и малиот период за припрема, денешниот натпревар е од големо значење за „сино-белите“ со цел продолжување на натпреварувачкиот ритам. Избраниците на Мирковски се фаворити на овој меч, но од таборот на Куманово апелираат на претпазливост против младиот тим.

„По мини турнејата во Бугарија од каде што се вративме со половичен ефект од една победа и еден пораз немавме многу време да се припремиме за овој натпревар. Вардар е млада екипа надополнета со неколку странски засилувања кои играат брза кошарка и се најопасни во транзиција. Конечно се комплетиравме како екипа, опасни сме на сите позиции и на секоја имаме по неколку квалитетни кошаркари. Не чекаат три натпревари за една недела, но одиме натпревар по натпревар, а прв е дуелот со Вардар на кој очекувам победа“ – изјави Горјан Марковски.

Во фокусот на денешната средба ќе биде центарската позиција каде ќе се соочат првиот и третиот најдобар „скокач“ во лигата. Андрејевиќ е на првата позиција со просек од 10.6 скока по натпревар, додека Дујковиќ заостанува нецел скок зад Србинот (9.5).

Се вчитува...