Вардар ја одбрани титулата во Суперкупот на Македонија

Европскиот ракометен првак, Вардар го освои првиот трофеј под водство на Давид Писонеро, откако во натпреварот од Суперкупот на Македонија без поголеми проблеми го совлада Металург со 24-26. Овојпат салата во Куманово, не беше среќна за Металург, кој минатата сезона беше единствениот тим во Европа кој успеа да му земе трофеј на Вардар, откако го совлада во финалето на националниот куп.

Натпреварот почна нервозно. Двата тима грешеа во нападот, а по десет минути игра резултатот беше израмнет 3-3. Следуваше мини серија на „црвено-црните“ од 0-3, по која за првпат на мечот стигнаа до плус три (3-6), по која следуваше тајм-аут на тренерот на „металурзите“ Дамир Стојановиќ. Европскиот шампион продолжи со одличната игра, а веќе во 24. минута стигна и до најголемите до тој момент плус седум (7-14). Следуваше минисерија од два гола на Металург кои намалија на 9-14, по кои мораше да интервенира Писонеро барајќи го својот прв тајм-аут. Вардарци се консолидираа до крајот на првиот дел, заминувајќи на полувреме со предност од (10-16).

Куп освојувачот од минатата сезона одлично го почна вториот дел и со серија од 3-0, успеа да се доближи на 13-16. Во продолжението Вардар ја зацврсти одбраната и за само неколку минути повторно повторно стигнаа до највисоките плус седум  (14-21). Следуваше нов тајм-аут на Стојановиќ по кој Металург влезе во нова серија од 3-0, по која дојдоа на минус четири (17-21). Поповиќ не искористи зицер за минус три, промашување кое го казни Вардар и со нова мини серија во 45. минута стигна повторно до највисоките плус седум (18-25). До крајот на мечот Писонеро им даде шанса на сите ракометари ситуација која Металург ја искористи да го ублажи поразот за конечни 24-26.

Сергеј Горбок со шест гола беше најефикасен во таборот на Вардар, додека Дибиров стрелаше пет пати. Кај Металург се истакна Стефан Додиќ со пет гола.

Се вчитува...