Вардар конечно ги стартува подготовките – без пола тим и со недефинирани финансии!

Најтрофејниот македонски клуб денеска од 18 часот, конечно во тренинг кампот во Хиподром, ќе ги стартува подготовките за новата сезона 2020/2021.

Шефот на стручниот штаб Александар Васоски, без јасна слика на кои фудбалери ќе може да смета следната сезона и со недефинирана финансиска рамка, денеска ќе ја реализира првата прозивка. Од клубот информираат дека наредниве денови ќе соопштат пред јавноста со кој ростер ќе се располага за новата натпреварувачка сезона. Јасно е дека, поради финансиски неизвесната иднина, голем број фудбалери го напуштија тимот меѓу кои и досегашниот капитен Филип Гачевски. Засега свој кам-бек во клубот најавува Дејан Блажевски кој сака кариерата да ја заврши токму во Вардар.

По неуспешните обиди за преземање на клубот од страна на заинтересирани украински, односно германски конзорциум, јасно е дека и во новата сезона Вардар ќе биде воден од досегашниот сопственик Сергеј Самсоненко кој и втора година по ред го остави клубот без европски настап поради долгови од околу три милиони евра. Но, овој пат Вардар очигледно ќе продолжи со буџет на рамниште на домашен второлигаш.

За „вардарци“ сега остануваат десет дена да се подготват за првиот натпревар од новиот шампионат, против Борец, кој се игра на 9. август.

Се вчитува...