Вардар не може да победи ниту со играч повеќе во Кавадарци

Кризата во Вардар уште повеќе се продлабочи по денешниот меч во Кавадарци каде актуелниот првак на Македонија едвај стигна до реми против мотивираниот состав на Тиквеш (1-1). „Вардарци“ можат да жаллат ако се знае дека 65 минути беа со фудбалер повеќе на теренот, но покажаа немоќ, не искреираа доволно во противничкиот шеснаесетник и стигнаа само до еден наместо до посакуваните три бода.

Во 21. минута Тиквеш поведе. Долга топка од средината на теренот и недоразбирање на одбраната со голманот Диковски, па Ибрахима Фал со глава стрела во мрежата на Вардар за предност. Само четири минути подоцна, Лавал доби црвен картон откако го удри Најдовски во глава со лакот. Во 39. минута од средбата, Вардар израмни. Бабунски нафрли, а Омерагиќ одлично со глава донесе израмнување, откако погоди во горниот лев агол.

Се очекуваше Вардар да тргне во офанзива по втор гол и целосен пресврт, но на теренот во Кавадарци видовме нешто сосема поразлично. Шампионот делуваше преморено и безидејно, се мачеше да искреира шанса и со фудбалер повеќе на теренот… Напротив, Тиквеш беше тимот што создаде три добри ситуации во завршните 10 минути, no Вардар успеа да се спаси од срамен пораз. „Вардарци“ конечно создадоа ситуација за гол во 92. минута преку Спахиу, домашниот голман одбрани, па овој дуел заврши без победник, 1-1.

Тиквеш останува на третото место на табелата со осум бода, еден повеќе од Вардар, а шампионот по пет одиграни кола веќе заостанува дури осум бода зад водечката Шкендија.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...