Вардар никако да стартува, Аврамовски се подготвува на Водно

Ситуацијата во најтрофејниот македонски клуб Вардар и понатаму е хаотична, деновите минуваат, а тимот никако да почне со летни подготовки. Клубот е во долгови, оставен од досегашниот спонзор Сергеј Самсоненко, а засега ниту еден заинтересиран инвеститор не е подготвен да ги подмири. Се работи за околу 3 милиони евра. Фудбалерите долго време се без плати, сега не знаат ни дали воопшто ќе почнат со тренинзи. Стартот на првенството е се поблиску и јасно е дека на Вардар му се ближи црна судбина.

Во еден таков момент, фудбалерите сами се снаоѓаат, Даниел Аврамовски ја одржува физичката подготвеност на падините на Водно. Тој заедно со репрезенативниот колега Кире Маркоски вчера имаше кондициска активност на Водно. Ја очекува и финалната разврска во Вардар и најавува дека многу брзо би можел да замине и да прифати една од понудите на заинтересираните клубови. Кире Маркоски нема такви проблеми, тој потпиша договор со чешкиот клуб Карвина.

Се вчитува...