Вардар „падна“ во војната во Кјелце – прв пораз во ЛШ

Вардар во рамките од петтото коло го претрпе својот прв пораз во Лигата на шампионите, губејќи на гостувањето против Кјелце со резултат 31-27. Вообичаено, гостувањата на „вардарци“ во Полска се вистински ракометни војни, бројни со жестоки дуели на двете страни, а исклучок не беше ниту овој натпревар на кој судиите покажаа два директни црвени картони, на Алекс Душебајев од Кјелце и на Вуко Борозан од Вардар. Полјаците го контролираа резултатот во текот на сите 60 минути, Вардар неколку пати се враќаше, но „црвено-црните“ немааа сили за целосен камбек.

Вардар тргна на руски погон, но Дибиров промаши два пати, по еднаш непрецизни беа Шишкарев и Калараш, па Кјелце набрзина поведе со 3-0. Првиот гол за Вардар го постигна Дибиров во празна мрежа, при украдена топка во ситуација кога Кјелце беше со играч омалку на теренот, но полскиот првак продолжи да доминира, па при резултат 8-4 Парондо побара и тајмаут.

Проблемите се зголемија на почетокот од 14. Минута, кога Борозан тргна брутално со лакотот на Јурецки, за што најдобриот шутер на Вардар доби директен црвен картон. Домашниот тим продолжи да доминира, при резултат 10-6 Милосављев му одбрани зицер на Јанц, а на спротивната страна погоди Стоилов. Скубе постигна важен гол и изнуди исклучување по кое Вардар се врати во игра, па преку Шишкраев македонскиот првак во 25. Минута стигна на само еден гол негатива (13-12). Кјелце набрзина дојде до 15-12, но „вардарци“ уште еднаш се вратија, овојпат на 16-15. Притоа, во последниот напад за израмнување избраниците на Парондо не ја искористија шансата, згора на тоа Стоилов ззаработи и исклучување буквално во последната секунда, па македонскиот клуб во второто полувреме влезе со играч помалку.

Страстите зовреа во 35. Минута, кога Шишкарев го фаулираше Душебајев и доби исклучување, но на шпанскиот десен бек за својата реакција (туркање на руското крило на Вардар) му беше покажан директен црвен картон.

Иако останаа без важен адут, домаќините добија на самодоверба, во ритам влезе Јанц, кој го замени Душебајев на десен бек и Кјелце во 42. Минута имаше најубедливи пет гола предност (22-17). Милосављев одбрани два зицери за да ја запре серијата на полскиот шампион, Вардар повторно доби на самодоверба, па по исклучувањето на Лијевски, со двата гола на Дибиров македонскиот состав стигна на само два гола разлика (24-22), принудувајќи го Талант Душебајев на тајмаут во 48. минута.

Проблем за „вардарци“ беше што по тајмаутот одговорноста ја презеде Циндриќ, нападот на Кјелце доби на сигурност, па домашниот тим поведе со 28-23, на седум минути до крајот. Овојпат избраниците на Парондо немаа сили за камбек, Кјелце рутински ја одржа предноста до самиот крај и конечниот триумф од 31-27.

Скубе и Дибиров постигнаа по шест гола за Вардар, Шишкарев постигна четири, додека најзаслужен за победата на полскиот првак беше поранешниот „вардарец“ Лука Циндриќ, кој постигна осум гола од вкупно девет обиди.

Се вчитува...