Вардар тргна со подготовки, а според имиња – воопшто не изгледа лошо…

Најтрофејниот македонски клуб Вардар, конечно, ги стартуваше подготовките за новата сезона 2020/21 во Првата фудбалска лига. По многу неизвесност и дилеми дали воопшто ќе се натпреварува или скраја било да згасне, сепак, „црвено-црните“ во базата во Хиподром го одржаа првиот тренинг. Тренерот Александар Васоски ги прозиваше фудбалерите, неколкумина од најдобрите од минатата сезона веќе не се дел од составот, но, сепак, има и четворица новодојденци со звучни презимиња, Дејан Блажевски, Филип Петковски, Виктор Велковски, Бојан Најденов…Тие треба да бидат замени за оние кои заминаа, ги нема веќе странците Реис Жуниор и Евгеник Новак, нема уште неколку млади таленти кои со слободни документи тргнаа во потрага по подобра заработка во периодот кога Вардар тоа веќе не може да им го понуди. Замина и капитенот Филип Гачевски, како и репрезентативците Кристијан Тошевски, но тука се уште се Мицевски, Најдовски, Попзлатанов, Цветаноски…

Вардарци ќе имаат само десетина денови за подготовки пред пролетниот старт и првиот меч против Борец на арената „Тоше Проески“ на 9.август, на премиерата од новиот шампионат. Ќе биде тоа проблем, но секако најголем проблем, како и во изминатите години е спонзорот и раководството на клубот кои не можат да одговорат на предизвикот и финансиски да ги наградат добрите игри и успеси на тимот. Токму поради ова Вардар две години по ред не доби лиценца за настап во европските купови…

 

 

Се вчитува...