Вардар знае како против новајлијата – совладан Црн Дрим и во Струга

Вардар го забележа вториот триумф во сезоната против составот на Црн Дрим откако славеше на гостувањето во Струга со 68-81 во 12. коло. Тимот од „Кале“ одигра одлично прво полувреме во кое беше речиси непогрешлив во шутот од поле па стигна до двоцифрена предност, која во продолжението од средбата се воспостави како клучна за ново славје над директниот противник во борбата за опстанок.

Гостинскиот состав одигра одлично шутерско прво полувреме, високата реализација од речиси 70% донесе 44 поени во првите 20. минути од средбата, за разлика од Црн Дрим, кој и покрај тоа што имаше 20 шута повеќе од противникот и 15 скока во нападот, не успеа да ја најде напаѓачката форма. На крилјата на Ташковски и Крстевски, кои блескаа на паркетот, Вардар на полувремето замина со предност од +12 (32-44).

Стружани на отварањето на второто полувреме заиграа далеку подобро во нападот, ја зголемија реализацијата во рекетот, а истата опадна кај гостинскиот состав па Црн Дрим ја преполови предноста на скопскиот состав (55-60). На крилја на Ташковски и Провел, Вардар постојано ја одржуваше предноста во одлучувачката четвртина, ја врати високата реализација, притоа одолеа на налетот на домаќинот и одигра добро во одбраната па заслужено стигна до триумф.

Хуго Клусен го предводеше Црн Дрим со 19 поени и 5 скока, додека како двоцифрени со по 10 поени натпреварот го завршија и Арсоски, Мекбрајд и Жао Марсело, на кои што македонскиот центар додаде и 12 скока. Виктор Ташковски беше првото име кај Вардар со 25 поени, додека него го следеше Џуниус Провел со 20 поени, 7 скока и 8 асистенции. Како двоцифрени со 12 поени и 7 скока, односно далб-дабл од 10 поени и 18 скока, натпреварот го завршија Дамјан Крстевски и Марко Дујковиќ.

Се вчитува...