Вашингтон „гази“ се по ред, Сакраменто го изненади Голден стејт

Вашингтон славеше против Њу Орлеанс со 105-91 запишувајќи ја 17-та едноподруго победа на домашен терен, во еден од синоќешните десет мечеви од НБА лигата.

До нова победа Вашингтон стигна благодарение на одличната игра во последната четвртина која ја доби со 25-8. Сите играчи од првата петорка на домашните имаа двоцифрен ефект. Се истакна Џон Вол со 24 поени и 13 асистенции, а Морис дополни со 18 поени. Марсин Гортат мечот го заврши со 12 поени и 17 скока.

Актуелниот шампион Кливленд славеше против Њујорк со 111-104, а Леброн Џејмс постигна 32 поени, дополнети со 10 асистенции и пет скока, додека Кевин Лав запиша уште еден „дабл-дабл“ од 23 поени и 16 скока.

За изненадување на вечерта се погрижија кошаркарите на Сакраменто кои славеа против Голден стејт со 109-106 и тоа по продолжение, а на ДеМаркус Казинс му недостасуваше една асистенција за нов „трипл-дабл“ од 32 поени, 12 скока и девет асистенции. Голден стејт беше предводен од Стеф Кари со 35 поени и девет асистенции, додека Клеј Томпсон мечот го заокружи со 26 поени и пет скока.

На останатите натпреварите, Атланта победи против Орландо со 113-86, Индијана беше подобра од Детроит со 105-84, Мајами славаше со Филаделфија со 125-102, додека Минесота загуби од Мемфис на домашен терен со 99-107. Феникс исто така пред своите навивачи беше поразен од Милвоки со 112-137.

Се вчитува...