Василев горд на кошаркарите: Секоја чест за момците, оставија срце на терен за Македонија

Никола Василев има причина да биде горд на себе и на своите кошаркари по одличното издание и пласманот во големото финале од Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Скопје. Она што е најважно, самиот пласман во финалето значи и промоција во А-дивизијата од наредната година, што во секој случај нема да ја намали мотивацијата кај нашите млади кошаркари и стручниот штаб утревечер во СЦ „Борис Трајковски“ да се крене пехарот на овој европски шампионат.

„Црвено-жолтите“ попладнево славеа над силната Украина со 13 поени разлика, уште еднаш демонстрирајќи дека со тимска игра и колективен дух може да се стигне до посакуваниот резултат.

„Исклучително сум горд на момците, на начинот на кој го одиграа и овој натпревар. Не беше нималку лесно бидејќи Украина е силна селекција, но нашите кошаркари го оставија срцето на терен за Македонија и тоа ни ја донесе оваа победа. Клучна беше нашата одбрана, го запревме овој силен противник на само 53 постигнати поени, што е исклучително голема работа и доказ за макотрпната работа на сите кошаркари на теренот. Среќни сме за победата, но немаме многу време за славје бидејќи веќе утре пред нас е нов предизвик, големото финале во кое ќе атакуваме на нова победа“, изјави селекторот на младинската репрезентација на Македонија.

Триумфот е уште позначаен ако се знае дека нашата селекција настапи без еден од своите најдобри кошаркари, Андреј Митревски, кој заработи повреда на четвртфиналето со Велика Британија.

„Тоа беше удар за нас, секако дека ни беше потешко, но да бидам искрен – не стравував бидејќи главната сила на оваа репрезентација е колективот, способноста да одиграме „сите за еден“. Одлично се движиме низ целиот овој процес, напредуваме од натпревар во натпревар, нашата игра се крева на се повисоко ниво. Тактички и физички сме добро подготвени за овој напорен турнир, ни останува уште на финалето да прикажеме уште една добра партија и да стигнеме до пехарот што го посакуваме“, оптимист е Никола Василев.

Се вчитува...