Василев: Ние сме Македонија, не се предаваме и играме исто и кога водиме и кога губиме со 10+

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија успеа да се пласира во четвртфиналето на Европското Првенство – Б дивизија што се одржува во Грузија, откако во клучниот меч славеше токму против домашната селекција, исфрлувајќи ја од натамошниот дел од натпреварувањето.

Селекторот Никола Василев успеа да состави квалитетна група на кошаркари со одличен карактер, што придонесе нашата селекција да се врати од негатива од 14 поени против Грузијците и на крајот да стигне до победата.

„Групата не беше нималку лесна, а по оној пораз во второто коло со Шведска си ја искомпликувавме ситуацијата и моравме да тргнеме по потешкиот пат. Исклучително е тешко да се игра против Грузија меч „да се биде или не“, уште повеќе на гостински терен во оваа земја, и токму затоа овој триумф ме прави уште погорд, и мене и сите кои сме дел од репрезентацијата. Лошо почнавме, но знаев дека можеме да се вратиме. Немаше некој посебен совет до кошаркарите при минус 14, едноставно е – ние сме Македонија, никогаш не се предаваме и играме исто и кога водиме и кога губиме со 10 или повеќе разлика. Го покажавме тоа против Грузија, влеговме во ритам пред крајот на полувремето, а потоа сменивме одредени детали на тактички план во финишот и стигнавме до големата победа“, изјави селекторот Никола Василев.

За жал, триумфот беше скапо платен по повредата што ја заработи Андоноски, еден од најдобрите кошаркари во нашата репрезентација на овој шампионат.

„Она што е добра вест е што не станува збор за никаква скршеница. Деталните прегледи покажаа само истегнување на лигаментите, што значи дека паузата нема да биде предолга. Сепак, она што останува проблем за нас е фактот дека Андоноски дефинитивно нема да може да ни помогне на четвртфиналето со Естонија“, открива кормиларот на нашиот национален тим.

Следен предизвик за македонските младинци е дуелот со Естонците, селекција што со максимални четири победи го освои првото место во својата група.

„Говориме за исклучително квалитетна селекција добро покриена на сите позиции, која во своите редови има кошаркар од НЦАА-лигата, но и играчи кои играат во првата лига на оваа земја. Инсистираат на брза игра, прецизни се со шутевите од далечина, но исто така се и физички високи, така што не може да се каже дека имаат некоја слаба точка во играта. Ги почитуваме, но сигурно не се плашиме од нив и ќе сториме се за да одиграме добар меч. Како што веќе кажав, наша цел е да ја играме сопствената игра, без разлика на противникот“, порачува Василев.

Се вчитува...