Василев по победата над Србија: Задоволен сум, но останува време да корегираме некои детали

Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години предводена од селекторот Никола Василев забележа победа од 66-54 на вчерашниот прв пријателски натпревар против Србија во Зрењанин во пресрет на ФИБА „Челинџерот“ кој ќе се одржи во Скопје.

Јуниорите на Македонија по изедначената прва четвртина (14-14), работите ги земаа во свои раце веќе до полувремето. Преку одличната игра во нападот и одбраната „црвено-жолтите“ реализираа 27 поени, а примија само девет со што на паузата имаа предност од 41-23. Србија одигра подобро во второто полувреме, но успеа само да ја намали високата предност на Македонија.

Предводник на четата на Василев беше Наков со 20 поени, Митревски забележа 16 поени, додека Богатиновски, Василевски и Петков реализираа по 7 поени.

По натпреварот селекторот не го криеше задоволството од остварената победа, но вели и дека останува време за корегирање на некои детали од играта на денешната втора средба, но и по враќањето во главниот град.

„Задоволен сум, пред сè, од прикажаниот пристап, од борбеноста и од залагањето на сите кошаркари. Исполнија голем дел од зададените задачи на теренот. Останува да ја пидигнеме формата и да корегираме некои детали во играта. Не само тука во Зрењанин, туку и по враќањето во Скопје“, изјави Василев.

Се вчитува...