Васоски: Толку можевме да се засилиме, сакаме Вардар да биде на ланското ниво

Вардар со ангажманот на пет нови имиња последниот ден од преодниот рок го заокружи ростерот со кој низ актуелнава сезона ќе се обиде да го достигне нивото од минатата сезона. Иако, јасно е дека ќе биде многу тешко.

Поранешниот македонски репрезентативец Милован Петровиќ, голманот Александар Игески, Бразилецот Дос Сантош да Силва Чарлстон, 22-годишниот Хрват Марко Мартинага, како и досегашниот офанзивец на Беласица, Мартин Мирчевски се новите фудбалери кои периодов постепено ќе треба да се вклопат во составот на Александар Васоски во обидот повторно да води битка за врвот од табелата.

„Вардарци“ вчера во Штип славеа на пријателскиот дуел против Кит Го во Штип со 4-1, а стрелци на два погодоци беа токму најновите засилувања Мирчевски и Чарлстон.

„Резултатот ни беше во втор план, затоа што сакавме да видиме до каде сме и со најновите фудбалери кои полека се вклопуваат во тимот. Сакаме Вардар да го доведеме на нивото од минатата година. Овој Вардар има капацитет, младост и иднина и верувам дека во продолжението од сезоната ќе биде далеку подобро“ – вели шефот на стручниот штаб Александар Васоски, и дополнува:

„Го заокруживме ростерот, тоа е тоа што можевме да го доведеме како засилувањa. Тоа е фондот на фудбалери со кој ќе се обидеме Вардар да биде на нивото од минатата сезона. Знаеме дека не чека напорна сезона, но подготвени сме да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваните резултати“.

Се вчитува...