Васоски: Вардар е на апарати, нека не ги исклучуваат, треба да се спаси

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар е во незавидна состојба, можеби и најсериозна од неговото постоење, можно е комплетно да згасне доколку не биде пронајдено решение за актуелните проблеми. Рускиот спонзор Сергеј Самсоненко, кој беше мнозински сопственик на акциите одлучи да се повлече и го остави клубот во долгови од речиси 3 милиони евра, а Град Скопје испрати порака дека овој огромен долг треба да биде подмирен, како што стои и во договорот при отстапувањето на Самсоненко, за повторно да се врати под закрила на Градот.

Вакуумот се обиде да го искористи бугарскиот фудбалер Благој Георгиев, кој како посредник на руско-украински конзорциум понуди излез од ситуацијата. Но, сепак, во пракса тоа оди многу потешко, уплатата на потребните 3 милиони евра е речиси невозможна мисија, барем досега неисполнета.

Тимот кој беше неприкосновен лидер во прекинатиот шампионат на Македонија поради пандемијата на коронавирусот е пред распад, сите фудбалери се слободни затоа што се неисплатени и со неподмирени долгови од минатата сезона, а и тренерот Александар Васоски чека разрешница на клупската ситуација. Засега не е закажан ниту старт на летните подготовки, а шефот на стручниот штаб објаснува колку е сериозна состојбата во која се наоѓа ФК Вардар.

„Вардар е на апарати, едвај дише, би сакал да апелирам да не ги исклучуваат, затоа што македонскиот фудбалски бренд треба да се спаси. Фудбалерите и стручниот штаб чекаат разрешница на ситуацијата во клубот, се надеваме дека ќе биде позитивна. Не би сакал ни да помислам дека ФК Вардар, најголемиот бренд на македонскиот спорт, би можел, не дај Боже, да биде префрлен во четвртата лига, поради можен банкрот. Апелирам да се покрене нешто, актуелното раководство и челниците на Град Скопје да изнајдат некое решение“, вели тренерот Александар Васоски за ЕКИПА.

Во меѓувреме фудбалерите можат во секое време да си ги подигнат документите и да заминат од клубот, најголем дел од странците тоа веќе го сторија, исто како и младите македонски таленти кои имаат понуди да реализираат трансфери во странство. Вардар дефинитивно е на апарати, едвај дише и треба да се спаси…

Се вчитува...