ВБА пред банкрот, нема пари за плати на фудбалерите

Вест Бромвич Албион се наоѓа на последното место во Премиер-лигата, но многу пострашни од испаѓањето од елитата за клубот од Бирмингем се финансиските проблеми кои би можеле да кулминираат со банкрот. Новиот извршен директор на клубот, Марк Џенкинс, обелодени дека финансиите се очајни, а во буџетот нема пари за плати на фудбалерите.

Тој се врати во клубот во февруари откако претседателот Џон Вилијамс и извршниот директор Мартин Гудмен беа испратени на принуден одмор, а Џенкинс не ја крие загриженоста за ситуацијата што ја затекнал.

„Ќе бидам искрен, се вратив во клубот и шокиран сум од цифрите што ги гледам. Буџетот за плати, ратите од трансфери на играчи и позајмици, тоа се бројки ги надминуваат границите на здрав разум, а згора на тоа сме последни на табелата. Знаејќи како работев претходно, очекував многу подобра состојба, но во последните денови увидов дека системот што го поставив е целосно уништен, а во моментов во клупскиот буџет немаме пари за да исплатиме плати на фудбалерите“ – искрено говореше Џенкинс за клупската веб-страница на ВБА.

Се вчитува...