Венгер си оди – пет кандидати за негов наследник

Управата на Арсенал минатата сезона долго размислуваше, па погреши – и потпиша нов договор со Арсен Венгер. „Топчиите“ и покрај гласното незадоволство од фановите решија да му дадат нова шанса на стратегот со кого долго беа предалеку од битка за титулата во Премиер-лигата, но и за посериозен успех во Лигата на шампионите.

Во ситуација кога тимот е елиминиран од ФА Купот, загуби во финалето од лига-купот, а во Премиер-лигата е шестопласиран на табелата, како единствена утеха останува Лигата на Европа. Сепак, добро упатени извори тврдат дека дури и триумф во ова натпреварување, кое носи и билет за ЛШ, нема да го спаси Венгер бидејќи одлуката за негово заминување е веќе донесена. Раководството на лондонскиот клуб веќе ја планира и листата на потенцијални наследници, на која во моментов се наоѓаат пет кандидати.

Јоаким Лев

Актуелниот германски селектор секогаш е поврзуван кога и да се отвори место во некоја од врвните екипи. Арсенал го посакува за свој менаџер, но останува фактот дека Лев има долгогодишен договор, а би можел да си замине дури по завршувањето на СП 2018, кон средината на јули. Доколку не биде постигнат договор однапред, тешко е за верување дека „топчиите“ ќе остават до половина  лето да бидат без менаџер.

Брендан Роџерс

Поранешниот стратег на Ливерпул за малку ќе ги одведеше „црвените“ до премиерлигашката титула. Во последните две години со голем успех го води Селтик, тим со кој доминира на шкотската фудбалска сцена. Офанзивниот фудбал на кој инсистира Роџерс го прави сериозен кандидат за оваа функција, уште повеќе по најавите дека овој стратег е подготвен за камбек во Англија откако во Шкотска за кратко време освои се што можеше да се освои.

Карло Анчелоти

Фактот дека Анчелоти е слободен го прави Венгер несигурен дури и за довршување на оваа сезона, со оглед на фактот дека постои врвен стратег способен веднаш да го заземе неговото место. Италијанецот е без ангажман по заминувањето од Баерн, најави дека ќе одмори до крајот на сезонава, но по неколку месеци пауза сигурно е дека сериозно би размислил за камбек доколку добие вистинска понуда. „Топчиите“ имаат доволен буџет за да го привлечат Анчелоти назад во Премиер-лигата, откако овој стручњак со Челси пред неколку сезони стигна и до титулата.

Леонардо Жардим

Стрaтегот што минатата сезона приреди вистинска сензација со Монако, крадејќи ја титулата на ПСЖ и стигнувајќи до полуфиналето во Лигата на шампионите, овојпат не успеа да го повтори успехот. Во Монако се задоволни од неговата работа, но Жардим не крие дека сериозно би размислил доколку би добил понуда што ќе биде чекор напред во неговата кариера. Премиер-лигата е предизвик за сите врвни стратези, а „плус“ за Жардим е што „топчиите“ се надеваат дека тој со себе на „Емирати“ би можел да донесе двајца клучни играчи на Монако, Лемар и Фабињо.

Микел Артета

Име што упорно се врти во англиските медиуми како можен наследник, пред се поради фактот дека остави значаен белег како играч од 2011 до 2016 година, кога реши да ја заврши кариерата. Во моментов е асистент на Пеп Гвардиола во Манчестер сити и дефинитивно има од кого да го научи тренерскиот занает, но се чини дека ангажман на Артета во еден ваков период би бил погрешен чекор, поради неговото неискуство, но и недоволното реноме за привлекување на врвни засилувања.

Се вчитува...