Вестбрук го реши шампионот Кливленд

Кога Расел Вестбрук ќе влезе во ритам, тој не може да биде запрен од никого, па дури ни од шампионот Кливленд. Актуелниот првак отпатува комплетен за Оклахома сити и настапи со Леброн Џејмс, Кајри Ирвинг и Кевин Лав во стартната петорка, но и тоа беше недоволно за да се неутрализира најдобриот играч во лигата сезонава, па Кливленд загуби со 118-109 на ова тешко гостување. Во главна улога беше Вестбрук, кој постигна 29 поени, 12 скока и 11 асистенции за вкупно 26. трипл дабл оваа сезона, како увертира за саботната пресметка со Голден стејт и неговиот доскорешен пријател и соиграч Кевин Дурант. Кај Кливленд најефикасен беше Ирвинг со 28 поени, додека Леброн Џејмс одигра слаб натпревар за своите стандарди, постигнувајќи 18 поени (8/19 од поле, 1/3 за еден поен).

До значајна гостинска победа стигна и Хјустон, триумфирајќи на дуелот во Шарлот со 95-107. Како пресудни се покажаа 22-те загубени топки на домашните кошаркари, дури седум во третата четвртина во која „ракетите“ влегоа во ритам и си создадоа двоцифрена предност. Џејмс Харден беше одличен постигнувајќи 30 поени, 11 скокови и осум асистенции, 17 поени за Хјустон постигна Беверли, а 15 „резервистот“ Монтрец Харел.

Филаделфија во „дербито на дното“ на гостински терен го совлада Орландо, додека Бостон експресно се рехабилитираше од неочекуваниот пораз од Сакраменто, па синоќа славеше на гостувањето во Портланд.

Резултати НБА:

Шарлот – Хјустон 95-107, Орландо – Филаделфија 111-112, Оклахома – Кливленд 118-109, Портланд – Бостон 111-120, Далас – Јута 112-105.

Се вчитува...