Нова перфектна партија на Брегалница на подготовките во Анталија, овој пат славејќи убедливо со 3-0 и против казахстанскиот шампион Тобол.
Избраниците на Илчо Ѓорѓиоски од самиот старт доминираа на дуелот против Казахстанците. Во првото полувреме 100% шанса имаше Мартин Стојанов, но неговиот обид од десеттина метри во 21. минута заврши само сантиметри покрај левиот дирек од голот на Тобол.
На стартот од второто полувреме, по корнерот од десната страна, капитенот Мојсов со глава ја погоди и гредата од голот на Казахстанците. Веќе во 53. минута уште една 100% шанса и за Алтипармаковски, но противничкиот голман брани исфрлајќи во корнер.
И доминацијата на „сините“ вроди со плод во 65. минута кога по дегажманот на Денковски, одлично по десната страна покрај двајца противнички дефанзивци се проби Мартин Стојанов, нафрли пред голот на Тобол каде беше најновото име во редовите на Брегалница, Урош Дамњановиќ кој носи водство од 1-0.
Брегалница не застана тука, па во 78. минува вистински евро-гол на Дамњановиќ со шут од 25 метри за предност и од 2-0.
За да одличното издание биде заокружено на перфектен начин се погрижи Ѓокиќ кој во 84. минута одлично реагираше со глава по корнерот од десната страна за конечни 3-0.
Шефот на стручниот штаб Илчо Ѓорѓиоски денешниот натпревар со Казахстанците го почна во следниот состав: Денковски, Манев, Мојсов, Азиновиќ, Живулиќ, Ацковски, Ескиќ, Дујовски, Стојанов, Додев и Алтипармаковски. Во второто полувреме влегоа: Николовски, Дамњановиќ, Бакрачески, Кудев, Георгиев, Ѓокиќ…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА