Вила со одговор за Јунајтед – нов договор за Унаи Емери

Манчестер јунајтед му даде нова шанса на Мајкл Карик, но англиските медиуми објавија дека „црвените ѓаволи“ го имаат избрано Унаи Емери како идеален кандидат за долгорочен стратег на гигантот од „Олд Трафорд“.

Шпанскиот стратег со успех ја води Астон Вила, а потешкиот дел од задачата ќе биде да се убеди Емери да си замине од „Вила парк“ каде што има апсолутна поддршка од сите во клубот и да си стави „трн во здрава нога“ со преселбата во Јунајтед, клуб што речиси секоја година ги менува тренерите, а тоне се подлабоко и подлабоко.

Астон Вила подготви одговор – клубот од Бирмингем е веќе во напредна фаза на преговори за да потпише нов договор со Емери. Заедно со шпанскиот стручњак нови договори им се понудени и на двајцата клучни директори во клубот, Демијан Видагани и Роберто Олабее, кои имаат беспрекорна соработка со трофејниот стратег.

Желбата на Астон Вила е јасна, ова трио да остане да го раководи тимот и во наредните сезони, па се очекува новите договори што ќе ги потпишат да бидат најмалку до 2030 година.

Се вчитува...