Вимблдон веројатно ќе биде одложен

Одлуката за одложување или за комплетно откажување за тенискиот грен-слем Вимблдон поради пандемијата на коронавирусот ќе биде донесена следната седмица, најавува организаторот. Опцијата за турнирот да се одржи без публика била отфрлена. Третиот годинашен грен-слем е закажан за периодот од 29.јуни до 12.јули.

За драстични мерки околу Вимблдон не се зборуваше се додека во Велика Британија не беа воведени ригориозни мерки и забрани за движење. Ако биде одложен турнирот во Лондон тоа дополнително ќе го закомпликува распоредот на тениската сезона со оглед дека Ролан Гарос е префрлен за септември, а претходно, во терминот од крајот на август и почетокот на септември треба да се одржи и УС Опен.

Познавачите на ситуацијата тврдат дека е многу извесно оти организаторите на Вимблдон ќе заклучат дека турнирот не е можно да се одржи во 2020 со оглед дека опцијата за настан без публика е отфрлена, а не е можно да се организира турнирот на кој доаѓаат 40.000 луѓе дневно ако биде поместен за само три недели во терминот кој е отворен поради откажувањето на Олимписките игри. Дополнително е тешко Вимблдон да биде префрлен за на есен со оглед на подлогата, а ќе треба да биде по Ролан Гарос.

Се вчитува...