Флорентино Перез одамна немал проблеми во преговори со фудбалер на Реал Мадрид како што е тоа случај со Винисиус, откако Бразилецот одби неколку понуди за да ја продолжи соработката со „кралевите“, по што влезе во последната година од актуелниот договор со најтрофејниот европски клуб.
Проблем плус е што Арсенал му понуди финансиски услови какви што посакува бразилскиот голгетер, со што Флорентино Перез има уште поголеми главоболки во обидите да го убеди Вини да го продолжи својот престој на „Сантијаго Бернабеу“. Ставот на Реал е јасен – Винисиус мора да прифати нов договор во наредните денови или да биде продаден до крајот на овој преоден рок, за да не се доведе во ситуација Бразилецот во јануари да може да потпише преддоговор со нов клуб и како слободен играч да си замине од „Бернабеу“.
Како што јавуваат мадридските медиуми, утре ќе биде „денот Д“ за Винисиус и неговата иднина во шпанската метропола. Голгетерот попладнево ќе слета во Мадрид, а веќе утре ќе му се стави на располагање на тренерот Жозе Мурињо. Винисиус веднаш потоа ќе има состанок со Флорентино, што се најавува како клучен за иднината на голгетерот во Реал.
Доколку се уште постои сериозна разлика во ставовите во претоворите и сумите што се бараат и што се нудат, претседателот на Реал ќе даде зелено светло за Вини да си замине, барајќи најмалку 160 милиони евра за овој трансфер. Арсенал најави дека е подготвен да го урне сопствениот рекорд, но останува да се види дали „топчиите“ ќе се согласат на толкава отштета за играч што за 11 месеци би можел да дојде бесплатно…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
