Голема акција на Државната агенција за истраги и заштита на БиХ (СИПА) беше спроведена на подрачјето на Бања Лука и Градишка, а меѓу лицата кои беа приведени се најде и претседателот на Управниот одбор на ФК Борац, и познат фудбалер Звјездан Мисимовиќ.
Поранешниот босанско-херцеговски репрезентативец е осомничен за злоупотреба на службената положба и перење пари, по што беше приведен во просториите на СИПА каде што ќе даде исказ во рамки на истрагата.
Според информациите на сараевскиот портал „Klix.ba“, во текот на полициската акција биле извршени претреси во неговиот стан и автомобил во Бања Лука, како и на повеќе други локации поврзани со случајот во Градишка.
Неофицијално, истрагата се однесува на сомнителни активности поврзани со реализација на еден фудбалски трансфер. Надлежните се сомневаат на финансиска злоупотреба и перење пари во вредност од околу 400.000 конвертибилни марки, односно приближно 200.000 евра.
Веста предизвика големо внимание во спортската јавност, бидејќи Мисимовиќ важи за едно од најголемите имиња во историјата на босанско-херцеговскиот фудбал. Во својата богата кариера настапуваше за клубови како Баерн Минхен, Волфсбург, Галатасарај и Динамо Москва.
За репрезентацијата на Босна и Херцеговина одигра повеќе од 80 натпревари и беше еден од носителите на генерацијата која за првпат во историјата обезбеди настап на Светското првенство, кое во 2014 година се одржа во Бразил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
