Во Охрид промовирана монографијата за подвизите на Марко Пејчиновски (ВИДЕО)

Во Охрид вчера беше промовирана монографијата „Одисеја 2022“ за големите подвизи на Марко Пејчиновски за препливувањето на Охридско Езеро, преку фотографии, официјалните сертификати и видувањата на сите оние кои беа дел од неговите подвизи.

Монографијата ја презентираше историчарот и архивист Никола Митровиќ – Бабе, кој потенцираше дека трепери срцето кога треба да се претстави едно дело во кое се пренесени натчовечките напори, а произлегуваат од Марко.

Таткото на Марко, Тони Пејчиновски истакна дека првичната замисла била десетте сертификати кои на Марко, му ги додели Светската Асоцијација за Пливање на Отворени Води (WOWSA), ратификувајки ги сите препливувања како успешно реализирани според нивните прецизно поставени критериуми, да бидат дел, од еден единствен уникатен албум, кој би останал во кругот на семејството. Со текот на времето, таа замисла се прошири, со идејата покрај сертификатите да бидат вметнати и фотографии кои ќе сведочат за секое од пливањата. Не помина долго време, се роди нова идеја, препливувањата да бидат опишани со изјавите на Марко и официјалните набљудувачи, преку нивните впечатоци за тоа како го доживеале секое од нив.

„Оваа монографија е со една единствена цел, како што и самиот Марко вели: ‘Да оставам трага во времето’. Верувам дека оваа монографија ќе остави трага во пишаното наследство за Охрид и Охридското Езеро“ – истакна Тони Пејчиновски.

Марко, пак, се заблагодари на својот тим за поддршката и упати порака до сите кои ги следеа неговите подвизи.

„Оваа монографија е инспирација за сите, сите да веруваат во своите способности и да ги доживеат своите успеси. Во предговорот во монографијата е напишано дека пливањето за мене е повеќе од спорт. Пливањето ме натера да пораснам, да се соочам со моите мисли наместо да бегам од нив, ме натера да го гледам светот поинаку, запознав многу луѓе, пливањето ме научи на дисциплина, ми покажа колку треба да се жртвуваш за да успееш, ме научи на многу животни лекции кои не би ги научил никаде на друго место или толку рано. За мене, пливањето значи еден од најголемите благослови во мојот живот“ – потенцираше Марко.

Се вчитува...