Во Тиквеш огромен револт од „судиската кражба“ на мечот со Академија Пандев

Од ГФК Тиквеш искажуваат отворен револт од „судиската кражба“ на мечот со Академија Пандев во 24. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Кавадарчани истакнуваат дека се оштетени на мечот со судиските одлуки кои влијаеја директно на резултатот притоа барајќи од ФФМ во иднина оваа судиска четворка никогаш повеќе да не суди на натпреварите на Тиквеш.

СООПШТЕНИЕТО ОД ГФК ТИКВЕШ ДО НАШАТА РЕДАКЦИЈА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Кавадарчани го креваат гласот против судиските неправди и заштитничкиот однос на федерацијата кон судиите и одредени клубови. Во рамките на 24. коло ГФК Тиквеш загуби во Кавадарци од екипата на Академија Пандев. Загуби – но како ? Загуби и средбата ја заврши со 10 играчи додека цел натпревар гостите од Струмица како да го играа со 15 фудбалери бидејки судиската четворка на оваа средба „истрча во дресовите на пандевци“. Тиквеш загуби од две причини. Или судиите се фудбалски неписмени и не знаат да судат или во државава царува судењето по нарачка.

Истиот судија кој денес судеше во Кавадарци му украде бодови на Тиквеш на гостувањето кај Скопје, истиот судија во минатото коло досуди непостоечки пенал за Шкупи а не досуди чист пенал за Тиквеш. Истиот судија и неговите помошници и денес го извалка амблемот на ФФМ.

По ред. Академија Пандев го отвори резултатот во 1 минута но само 7 минути подоцна судиите јасно ставија до знаење кој треба да победи на оваа средба. Тиквеш постигна гол но судијата не покажа на центарот бидејки само тој и неговиот помошник не ја видоа топката зад гол линијата. Но и судиите и луѓето од федерацијата заборавија дека ова е модерно време, време на технологија и дека сите лесно и брзо можат да ја видат забавената снимка и да востановат дали е или не е гол. Судиите немаа ист аршин за прекршоците. Кога домашните ке направеа фаул веднаш следуваше картон а кога гостите ке направеа идентичен прекршок им се прогледуваше низ прсти. Во еден момент тренерот Костов во афект го фрли шишето со вода на тревата. Четвртиот судија веднаш изреагира и побара од главниот жолт картон. Овој пријде но картон му покажа на Мојсов помошникот на Костов. Откако по реакција на четвртиот судија доби информација дека згрешил, главниот судија се врати и му покажа жолт и на Костов но заборави да го поништи жолтиот за Мојсов. Но кога Тиквеш го постигна израмнувачкиот гол цела гостинска клупа скокна се растрча покрај аут линијата и упатија рафална стрелба на пцости на сметка на судиите. Но во оваа ситуација четвртиот судија имаше чепчиња во ушите и не виде и не слушна ништо. Или можеби не сакаше да види и слушне. Во една ситуација во еден воздушен дуел кој се случи на метар од главниот судија струмички фудбалер со лакт удира во глава домашен фудбалер кој паѓа како покосен но судија не реагира и бара натпреварот да продолжи за да по 5-6 секунди сепак ја прекине средбата и дури тогаш побара да му се укаже лекарска помош на домашниот фудбалер кој лежеше на теренот. Во модерниот фудбал ако постои удар во глава се казнува со директен црвен картон. Во модерниот фудбал натпреварот веднаш се прекинува за да се заштити и здравјето на фудбалерите но очигледно кога се предавала таа лекција главниот судија не бил на тој час.

Прашање е и зошто Вареловски доби втор жолт картон кога Тиквеш доминираше и се обидуваше да го превземе водството. Милион грешки можат да се набројат но доволно е само некој да седне и да ја прегледа снимката. Но се прашуваме ги гледа ли некој воопшто тие снимки. Постојат ли структури во ФФМ од калибарот на судиска организација или комисија за заштита на регуларноста.. Судиите секако ке си ги бранат нивните деградирајки ги сите останати дека се неписмени и не го разбираат фудбалот, но комисијата мора да заклучи дека Тиквеш е оштетен, покраден, омаловажен и што ли уште не.

Знаеме дека резултатот не може да смени но сепак бараме оваа судиска четворка више никогаш да не ја дели правдата на натпреварите во кои игра Тиквеш без разлика во која лига. А луѓето од федерацијата ги прашуваме – Ако Тиквеш годинава треба да испадне можеа да кажат уште во првото коло за да не се трошат пари, средства и ресурси и да не ја залажуваат кавадаречката публика. Тиквеш секогаш играл и ке игра чесно и поштено.
ГФК ТИКВЕШ 1930 АД – КАВАДАРЦИ

Се вчитува...