Војдан Стојановски како капитен ќе ја предводи Македонија и на денешниот дуел против Австрија, на кој „црвено-жолтите“ ќе ја имаат фаворитската улога во обид победнички да го стартуваат новиот претквалификациски циклус.
Големиот ас е еден од ретките примери кои секогаш се тука за националниот тим, што е уште позначајно – во годините кога резултатите на националниот тим вртоглаво се движеа во надоолна линија. Војдан денеска во Виена ќе го игра својот 99. меч во репрезентативниот дрес, не криејќи ја гордоста што ја чувствува секогаш кога ќе се облече во црвено-жолтата опрема.
„За мене отсекогаш било чест и задоволство да играм за Македонија. Секогаш со голема гордост го носам националниот дрес и сакам да дадам сè од себе за репрезентацијата. Без разлика колку настапи имаш зад себе, секој нов натпревар е посебен и секогаш имаш дополнителна мотивација кога играш за својата земја.
Во спортот има тешки моменти, има и моменти кога можеби е најлесно да се откажеш, но кога станува збор за Македонија, секогаш наоѓаш сила да продолжиш. Знаеме што ни значи овој дрес и ќе се бориме до крај, на секој натпревар, да го дадеме нашиот максимум“, вели Војдан Стојановски.
Според него, квалитетот на дуелот со Австрија е на наша страна и се што треба да се стори е тоа да се потврди и на теренот во Виена.
„Нашата цел е јасна – победа против Австрија. Но, за да го оствариме тоа, ќе мора да бидеме перфектни и борбени во текот на сите 40 минути. Не треба да нè залажува нивниот пораз од Кипар. Играат на домашен терен и тука секогаш се менуваат работите.
Имаме добар тим. Штета што го немаме и Андреј Јакимовски, бидејќи за првпат ќе бевме комплетни. Иако имавме малку проблеми со здравствениот билтен, сепак трениравме добро и се подготвивме за овој натпревар. Се надевам дека и ние ќе имаме поддршка од трибините. Македонците во Австрија најавија поддршка, која ќе биде од огромно значење“, истакнува Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
