Војдан триумфираше во маратонот против Заре

Војдан Стојановски со Бујукчекмече излезе како победникот во маратонскиот дуел против Трабзон предводен од Заре Марковски, триумфирајќи со резултат 105-113 во мечот што беше решен дури по две продолженија од по пет минути.

Гостите од Истанбул се спасија во регуларниот дел, изборувајќи се за продолженија со две слободни фрлања на една секунда до крајот. Бујукчекмече потоа промаши шут за победа на крајот од првото продолжение, за во вторите дополнителни пет минути сепак да успее да го скрши отпорот на Трабзон, за прекин на сопствената серија од три порази по ред.

Војдан Стојановски беше на висина на задачата завршувајќи го натпреварот со 11 поени, шест скока, четири асистенции и една блокада.

Со овој триумф, вкупно четврти сезонава, Бујукчекмече го прескокна на табелата Трабзон, каде Заре Марковски по четвртиот пораз во низа се соочува со сериозна опасност од отказ доколку во најскоро време не најде решение за кризата.

Се вчитува...