Војната може да почне – Мбапе му соопштил на ПСЖ дека нема да потпише нов договор

Килијан Мбапе не ја гледа својата долгорочна иднина во дресот на ПСЖ и веќе ги известил челниците на овој клуб дека нема намера да потпише нов договор со „светците“. Ова го тврди влијателниот француски весник „Л’Екип“, со што францускиот гигант е ставен во непријатна ситуација, да го продаде Мбапе во текот на летово и да заработи на неговиот трансфер, или тврдоглаво да го чува уште една сезона и во јули 2022 тој без никаква отштета да си замине од „Паркот на принцовите“.

Според истиот извор, Мбапе јасно ставил до знаење дека нема намера да инсистира на трансфер летово и би останал во ПСЖ без никаков проблем, свесен дека тоа повеќекратно би му ја зголемило платата како слободен играч во 2022. На Французинот му е јасно дека најмоќните европски клубови се погодени од кризата со коронавирусот, па немаат финансиска моќ за ваков мегатрансфер од над 200 милиони евра (отштета плус плата за фудбалерот).

Тој е свесен дека многу полесно ќе направи трансфер и ќе добие уште поголема плата доколку преселбата ја изврши како слободен играч наредното лето, но на потег сега е ПСЖ. „Светците“ во слична ситуација пред две години го преселија Рабио да тренира со вториот тим, како казна што долго време одолговлекуваше, за на крајот тој без никаква отштета да си замине од клубот.

Мбапе важи за миленик на претседателот Ал Келаифи, па интересна ќе биде да се види реакцијата на првиот човек на ПСЖ. Тој досега делуваше убедено дека голгетерот ќе потпише нов долгогодишен договор бидејќи како Французин е симбол на клубот, но сега ситуацијата дефинитивно е променета.

Се вчитува...