Ворнер со први впечатоци за МЗТ: Уживам во се што нуди Аеродром

Новиот Американец во редовите на МЗТ Скопје, веќе одработи значаен дел од подготовките со македонскиот првак, по што крилниот кошаркар не го крие задоволството од новата средина, соиграчите и стручниот штаб, најавувајќи високи амбиции за претстојната сезона.

„Ми се допаѓа тимот, атмосферата, градот е одличен, а храната е супер. Досега навистина уживам во сè што нуди Аеродром. Мислам дека го најдов својот дом надвор од дома“, вели Ворнер на почетокот од разговорот за клупскта веб-страниица.

Фокусот на Ворнер во моментов е насочен кон подготовка на тимот и градење на вистинска тимска хемија пред почетокот на официјалните натпревари:

„Очекувам да се здружиме и да изградиме одлична тимска хемија, особено сега кога заминуваме на кратки подготовки надвор од Скопје. Мојата единствена желба се победи и шампионски титули. Екипата е одлична, сите се согласуваме и размислуваме исто — сите сакаме само победи и се надевам дека тоа брзо ќе го покажеме на теренот. Чекавме да ни се приклучат и репрезентативците за да влеземе во целосен ритам. Сега е сѐ како што треба“, анализира новиот Американец во МЗТ.

Запрашан за сопствените квалитети и што навивачите можат да очекуваат од него на паркетот, тој истакна:

„Можам да направам од сè по малку. Мојата задача е да поентирам — затоа сум донесен овде, но и одбраната е една од моите силни страни. Можам да чувам играчи на повеќе позиции“, анализира Лесли.

На крајот, новиот адут на аеродромци испрати пофални зборови и за тренерите:

„Соработката со стручниот штаб е одлична од првиот ден, навистина уживам во работата со нив. Верувам дека на крајот заедно ќе се радуваме и ќе си честитаме на направеното сезонава“, заврши Ворнер.

Се вчитува...