Врзете се полетуваме: Почнува новото издание на Лигата на шампиони!

Новата сезона во Лигата на шампионите почнува вечерва. Натпреварувањето се одвива според утврдениот формат со 36 клуба рангирани на единствена табела.

Секој тим ќе одигра осум натпревари, четири на домашен терен и четири на гости против осум различни противници. Првите осум екипи на табелата директно се пласираат во осминафиналето. Тимовите пласирани од 9. до 24. место ќе играат плејоф-рунда за пополнување на осминафиналето, додека екипите од 25. до 36. место ја завршуваат европската сезона. Пари Сен Жермен ја брани титулата втора сезона по ред. Францускиот шампион е единствениот клуб, покрај Реал Мадрид, кој ја одбранил титулата европски првак во 21. век.

Вкупниот награден фонд на Лигата на шампионите на УЕФА изнесува околу 2,467 милијарди евра. Секој клуб што се пласирал во лигашката фаза автоматски добил фиксен износ од 18,62 милиони евра. Секоја победа во оваа фаза носи 2,1 милион евра, додека нерешениот резултат вреди 700.000 евра.

Исто така, наградите се распределуваат според пласманот на табелата, при што последното, 36. место носи околу 275.000 евра, додека првопласираниот тим во лигашката фаза ќе заработи дури 9,9 милиони евра (плус дополнителен бонус од 2 милиони евра за екипите пласирани од 1. до 8. место).

Реал Мадрид е неприкосновен со 15 европски титули, а го држи и рекордот за бројот на последователни трофеи (пет по ред, од 1956 до 1960 година). По нив следат Милан (7), Баерн и Ливерпул (6), Барселона (5), Ајакс (4), како и Интер и Манчестер Јунајтед (3).

Од друга страна, Јувентус го држи неславниот рекорд по бројот на загубени финалиња, дури седум пати торинската „стара дама“ потклекнала на последниот чекор. Потоа следат: Бенфика и Баерн (5), Милан, Ливерпул и Интер (4), како и Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид (3)…

Баерн Минхен од сезоната 2019/20 влезе во историјата како единствениот тим што ја освоил титулата победувајќи на секој поединечен натпревар (вкупно 11 победи) во специфичниот формат на завршниот турнир (поради пандемијата на Ковид).

Македонија годинава за жал нема да има свој претставник во елитното натпреварување.

Се вчитува...