Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК гостува едно од најголемите македонски фудбалски имиња во историјата, Вујадин Станојковиќ, еден од само тројцата Македонци кои во историјата настапиле на светско првенство.
Низ повеќе од возбудливиот, интересен разговор за „ПРЕСИНГ“, Станојковиќ меѓу другото се осврна и на онаа славна македонска фудбалска генерација која го имаше првиот настап во квалификации за пласман на големо натпреварување во независна Македонија.

Македонија во првиот свој квалификациски циклус имаше неверојатен тим и за светски рамки предводен од Дарко Панчев, па Илија Најдоски, Станојковиќ, Канатларовски, Бабунски, Јаневски, браќата Бошко и Милко Ѓуровски, Тони Савевски, Митко Стојковски… Но, не успеа да дојде до забалежителен резултат, скромно одбележувајќи ги тие репрезентативни денови.
„Тука имаше искуство и младост во таа репрезентација. Мислам дека имавме пех прво со тој прв меч со Данска. Одлично тргнавме со водство од 1-0 против тогаш актуелниот европски шампион, но не поремети црвениот картон на Дарко, кој беше престрого досуден од холандскиот судија. Меѓутоа и после тоа продолживме добро во Белгија,а со Шпанија објективно не можевме. Факт е дека имавме и пресилна група со Шпанија, Белгија и Данска…“ – вели Станојковиќ и дополнува:
„Но едноставно во тој циклус имавме проблеми и со навивачите и казните од УЕФА. Против Белгија игравме без публика, и веднаш е тоа друга атмосфера. Сосема поинаку е кога е полн стадион. Вардар и репрезентација се карактеристични по тоа што народот си ги сакаше и едноставно сите доаѓаа на трибини во тоа време. Сосема е поразлично кога играш без публика и со публика, а од друга страна и мислам дека како и некои малери да не пратеа – те овој се повреди, па Тони прво не го пуштаа Грците и тој се плашеше да доаѓа. После почна да доаѓа, па Чеде се повлече нешто, па Даре три утакмици казна, три утакмици без Дарко тоа е многу да биде казнет. Така да се измешаа работите малку, не бевме баш стандардни таа екипа која тргна“.
Но, од тој циклус Станојковиќ ќе биде запомнат како асистент на голот на Чоко Бошковски за ремито (1-1) против Белгија во Брисел.
„Тој мој центаршут беше едноставно моја работа. Ништо повеќе…. Јас секогаш викав, оваа бела линија што е ме држи да не одам десно, и само трчај горе-долу. Отварај се…, а дали ќе добиеш топка или нема да добиеш топка, не е важно. Тоа кај мене било така. Јас да се понудам да отварам и да ја разигрувам својата репрезентација, а исто и да го пореметиш противникот. Како и што мораш потоа брзо да се вратиш во одбрана, да си го браниш голот со останатите во одбраната“ – вели низ смеа Вујадин Станојковиќ во „ПРЕСИНГ“.
ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ВУЈАДИН СТАНОЈКОВИЌ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
