Вуков ги заврши тестирањата во Мизано и Монца

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков се врати од првите претсезонски тестирања со новото возило кое ќе го управува во 2022 година, натпреварувајќи се во Порше Карера Куп Италија.

Неговите импресии од Мизано и Монца укажуваат дека согласно очекувањата новото возило ќе биде мошне поинакво од досегашното, бидејќи главниот белег на третата генерација Порше 911 ГТ3 ќе биде отсуството на системот за блокирање на тркалата (АБС).

„Иако сите знаевме што следи, никој не можеше да предвиди колку ова ќе влијае на досегашниот возачки стил. Сега со сигурност можам да кажам дека буквално се е поинаку! На секој свиок мора да му се пристапи со извесен план, кога да притиснеш сопирачки, колку брзина да понесеш со себе во свиокот, кога да го нагазиш педалот за гас, буквално нема простор за грешка. На тестирањата и покрај претпазливоста во два наврата имав искуство да ми блокираат тркалата и морав веднаш во бокс бидејќи премногу ги оштетив пневматиците. Поминав веројатно околу 800 километри во текот на тестирањата и првите импресии ми се оптимистички, бидејќи разбирам како работи автомобилот и што се бара од мене. Да бидам искрен, сега се зависи од возачот и како тој ќе си ја сработи работата. Секој свиок е поинаков! Искуствата со претходното возило не ми се од голема помош, освен од гледна точка на физичкиот тренинг. Да се изразам така, порано кога имав впечаток дека сум „се борел“ со колата, обично тоа значеше дека сум бил брз. Сега и тоа е поинаку: кога се чувствував дека возам лефтерно имав подобри времиња за еден круг отколку кога чувствував дека „се борам“, вели Вуков.

Евалуирајќи ги разликите на патеките како Мизано и Монца, ставот на Рико е дека возилото „останува свое“ и нема простор за брз прогрес.

„Не постои „шорт-кат“ во смисла оваа патека е можеби потехничка, а онаа има подолги правци. Возилото си останува верно на концептот и бара добра проценка во секоја ситуација. Нема силно притискање на сопирачките како порано, задниот дел е многу „полабав“, а делува дека ќе може да се користат и рабовите од патеката што до скоро ги избегнувавме. На тренинзите дознав дека ќе имаме 36 возачи, а во еден момент на Монца видов дека ние кои гравитираме во првата половина бевме во интервал од половина секунда. Некој можеби ќе рече дека ќе биде тешко, но од друга стана никој никогаш не се надевал на ништо лесно во трките. Куп натпреварите секогаш ја носат таа карактеристика на голема изедначеност поради идентичните автомобили. Сигурен сум само во едно, победите ќе им припаднат на најдобрите и најподготвените“, заврши Вуков.

Првиот од шесте планирани гран при викенди во Порше Карера Куп Италија ќе се вози на патеката Имола, близу Болоња, на 7 и 8 мај.

Се вчитува...