Вуков ќе се натпреварува заедно со легендарниот Хорхе Лоренцо во „Порше Карера Куп“!

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков – Рико се подготвува за третата сезона во Порше Карера Куп Италија, каде што минативе две сезони ги направи првите чекори на интернационалната сцена.

Во текот на вчерашниот ден беше објавено дека поранешниот трикратен светски првак во Мото ГП, Хорхе Лоренцо, ќе и се приклучи токму на оваа тркачка серија, како учесник за цела сезона.

„Сакам да му посакам добредојде на Лоренцо, ќе биде интересно да се види неговото приспособување за трка со ГТ автомобил. Претходно, откако се пензионираше од мотоциклизмот, во светот на трки со ГТ автомобили дојде и Валентино Роси, но во друга тркачка серија. Оваа година за прв пат почнуваме да го користиме возилото на Порше 911 ГТ3 Куп, што е трета генерација, а за разлика од претходно нема асистенција за сопирачките со анти-блок систем (АБС). За сите ќе биде новост и ќе бара поинаков возачки стил од досега“ – вели Вуков кој е оптимист дека тоа може да му помогне да фати чекор со врвните пилоти од оваа серија.

Минатата сезона Вуков финишираше на 11 место во генералниот пласман, освојувајќи 76 бода, но беше меѓу ретките кои имаше освоено поени на секоја трка.

„В сабота на 9 април го имам првиот тест на патеката Мизано, кој ќе биде во организација на мојот тим „GDL Racing“, по што на 13 април имаме заедничките тест со сите возачи на патеката Монца. Првиот гран при викенд е на 7 и 8 мај, кога ја започнуваме сезоната со двете трки во Имола. Лани видовме наплив на нови возачи и конкуренцијата беше нагло зголемена во однос на 2020 година, но успеав да се справам со тој предизвик. Мојата цел е да напредувам и да се борам за подиуми и победи, а во прв момент за тоа потребно е да го подигнам нивото на возење во квалификациите. Минатата сезона имавме многу малери, особено со временските околности кои правеа да возиме еден тренинг на сува, а друг на мокра патека, па се надевам дека годинава ќе имаме постабилни временски услови за да извадиме максимум од перформансите“.

Во пресрет на оваа сезона, во соопштението на тимот, сопственикот и поранешен возач Џанлука ди Лоренци истакна дека најголем недостаток на Вуков е малиот број на тестови во однос на другите возачи, односно дека кога ќе го надмине тоа ќе биде поуспешен во трките.

Се вчитува...