За  четири кола во ракометната ЛШ – три тренерски смени

Почетокот на сезоната во ракометната Лига на шампионите донесе многу изненадувања, но и три тренерски смени по само четири одиграни кола.

Променливите резултати на Целје на стартот од сезоната резултираа со прекин на соработката со тренерот Бранко Тамше. Тој беше на клупата на Целје во изминатите пет години и важеше за еден од најпостојаните тренери во тимовите од најелитното европско натпреварување. Целје имаше блескав старт со победа против Фленсбург (23-20) и потоа тежок пораз од ПИК Сегед (33-24). После две кола, Бранко Тамше беше сменет и на клупата на Целје заменет со Томаш Оцвирк.

Поразот од Вардар во 3.коло (27-29), ја прели чашата во Веспрем и беше директен повод за смената на Љубомир Врањеш. Поранешниот шведски репрезентативец во Веспрем помина една година и три месеци, а неговото место на клупата сега ќе го заземе Шпанецот Давид Дејвис. Во меѓувреме додека се реализира договорот со Дејвис, унгарскиот тим на натпреварот со Мешков Брест го предводеше Иштван Гулијаш.

По четирите порази во првите четири натпревари во ЛШ, заврши и приказната на полскиот тренер Патрик Ромбел на клупата на Мотор Запорожје. Во понеделникот Ромбел доби отказ, а Мотор Запорожје на следните натпревари ќе го води Николај Степанец кој беше на клупата на украинскиот шампион и во 2014 година. Според најавите Степанец е привремено решение, нов тренер на Мотор Запорожје наскоро треба да стане Бранко Тамше.

На официјалниот сајт на ЕХФ направена е анализа со листа на тренерите со најдолг стаж на клупата во клубовите што се натпреваруваат во најелитното европско натпреварување. И од друга страна, листа на најнепостојаните клубови со најмногу смени на клупата.

Во најсилното ракометно натпреварување има само четворица тренери што десет и повеќе години во континуитет предводат еден ист клуб.

На врвот на оваа листа со најдолг стаж е тренерот на Монпелје, Патрис Канаје кој е 25 години на кормилото на актуелниот европски шампион. Канаје со Монпелје има две титули во ЛШ, 14 титули шампион на Франција и 13 титули во Купот на Франција.

Со децениски стаж е и тренерот на Чеховски медведи, Владимир Максимов. Тој е првиот и единствен тренер на рускиот тим од неговото основање во 2001 година.

Тренерот на Бешикташ, Муфит Арин на клупата на истанбулскиот тим е 17 години. Со десет годишен стаж на клупата е и тренерот на Вакер Тун, Мартин Рубин.

Блиску до оваа бројка е и Чави Пасквал кој ја предводи Барселона од 2009 година и во изминатите девет години со каталонскиот тим освои две титули во ЛШ – во 2011 и во 2015 година.

За разлика од долгогодишната доверба во тренерите во овие пет клубови, во другите клубови што се натпреваруваат во најсилното европско натпреварување, често се случуваат смени на клупата. Статистиката покажува дека 28 тимови што настапуваат во ЛШ, во изминатите десет години смениле 106 тренери, или во просек тоа се околу десет тренерски смени годишно.

Хрватскиот шампион ППД Загреб е со најдолга листата на тренери. Во изминатите десет години во ППД Загреб се смениле десет тренери. Од летово на клупата на хрватскиот шампион е Лино Червар кој е и тренер со најдолг стаж во ППД Загреб во последните 20 години во неговиот претходен ангажман од 2004 до 2009 година.

Висла Плоцк е на второ место со осум тренерски смени во изминатава декада.

Динамо Букурешт и Татран Прешов исто така се клубови кои имаат константни тренерски смени во изминатите десет години во кои смениле по седум тренери.

Мешков Брест и Мотор Запорожје  ги менувале тренерите шест пати. А шест тренерски смени во последните десет години има и на клупата на Вардар кој се стабилизира во последните пет сезони по доаѓањето на Раул Гонзалес кого летово го наследни Роберто Парондо.

Поранешниот помошник на Раул Гонзалес на клупата на Вардар, Давид Дејвис, деновиве го презеде Веспрем и ќе биде шести тренер на клупата на унгарскиот клуб во последните десет години.

Се вчитува...