За крај пораз од Швајцарија – јуниорите на 18. место во Б дивизијата

Македонската јуниорска репрезентација со пораз го заврши настапот на Европското Првенство – Б дивизија чиј домаќин во изминатите денови. Нашите кошаркари денеска загубија од Швајцарија со минимални 64-65, за на крајот од шампионатот да го освојат прескромното 18. место на овој шампионат.

Како кобен се покажа катастрофалниот старт на Македонија, кога Швајцарците за половина четвртина стигнаа до предност од огромни 0-16. Следеше период на консолидација, но потоа пред крајот на полувремето селекторот Милевски се коцкаше со настапот на капитенот Лука Стојановски со три лични и скапо плати за таа грешка. Имено, Стојановски ја доби и четвртата, веднаш потоа за приговор и техничка грешка, па овој меч заврши за него уште во текот на втората четвртина.

Во последните десет минути се влезе со предност на Швајцарија од 15 поени, за потоа Македонија да одигра фуриозно, за момент и да стигне до предност со поените на Какруки. Сепак, Швајцарците направија серија во последните две минути и на крајот стигнаа до минимален триумф, откако нашите кошаркари ја пропуштија и последната шанса за израмнување откако Миса промаши едно од двете слободни фрлања на три секунди до крајот.

Какруки оствари дабл-дабл од 16 поени и 10 скокови, а двоцифрен ефект имаше само уште Миса со 14 поени.

Се вчитува...