За Маки Лазовски, најчистиот лик во нашата кошарка

Македонската кошарка викендов остана посиромашна за големото тренерско име Марјан Лазовски, поранешниот селектор на машката и женската репрезентација кој ја загуби битката со коронавирусот.

На официјалната веб-страница на КФСМ е објавен текст со последен поздрав до Лазовски со наслов „За Маки“… што го пренесуваме во целост…

За Маки…

За тивкото момче, од кај „Песталоци“, за човекот, за кој не еден, многумина, знаеја и тоа како често да кажат: „ А бе тој ни на мравка не би згазнал, а не пак нешто друго“. „Не, не, тој не знае да го подигне гласот, онака како што треба, тренерски“… „Некоја пцовка, ма нема шанси, од каде ти е човеку таа идеја дека Маки може да го направи тоа“.

Маки знаеше малку поинаку. Неговиот речник беше поразличен од оној вистинскиот, тренерскиот.

„Си згрешил, ОК, во  ред, одиме понатаму… Сакате денеска да немаме тренинг? Да, за два дена играме со Работнички. ОК, нема тренинг. Ама утре двојна доза планирајте си уште од сега…“

И кој да знае, можеби тоа беше и неговата најголема „маана“. Ама таков беше Марјан „Маки“ Лазовски.

За него беше неважно што сте, или од каде сте, со што се занимавате. Дали сте тренер, кошаркар, новинар, фудбалер или келнер.

„Донеси го утре на тренинг, ќе научи нешто… Не, не, не треба ништо. Ова ти е од мене, ама не за тебе, туку за него. Тој сака да игра кошарка. Ти не си веќе за тоа. Само донеси го, оди на кафе и после врати се да го земеш. Знаеш и самиот, такви ти се денешните деца, не се како нас“.

Само како илустрација, дел од неговиот тренерски „асортиман“…

Беше „срамежлив“, ама не го „мрзеше“, беше подготвен да разговара, да праша за мислење, да сподели идеја… Да не сокрие ништо, од никого. Тоа не го може секој, особено не некој чија професија е тренер, кошаркарски тренер.

Ама и во исто време да ги сподели своите визии и размислувања на едноставен начин за да сфатиме што всушност бараме!

Од него, од Марјан Лазовски, секогаш се бараше многу, некогаш и најмногу. Многу веројатно е дека не го доби она што му доликува на еден великан на македонската кошарка – почиттa од другите, од околината!

И којзнае, можеби сега, кога веќе не е со нас, тие некои, ќе се обидат да го исправат тоа, но веројатно е доцна за такви потези…

Македонската кошарка останува без уште еден великан. Во оваа проклета 2020, веќе го загубивме Буштур, останавме и без Цефка, сега го губиме и Маки.

Сега листата на селектори е побогата за двајца поранешни, и двајца легендарни тренери!

Тешки моменти се ова за сите нас на кои омилениот спорт ни е кошарката. Но што е лесно во животот?

Еден негов колега го даде веројатно и најдобриот опис во неофицијалната „книга на жалост“ веднаш отворена на социјалните мрежи, кој беше Маки Лазовски.

„Маки Лазовски беше најсветлиот, најчистиот лик во нашата кошарка. Нека почива во мир!

Збогум добар човеку, збогум наш Маки. Беше добар, и премногу добар за овој свет!

Се вчитува...