Беше тешко, како што впрочем и се очекуваше. Сепак, на мака се познаваат јунаците, а Вардар уште еднаш одговори на предизвикот кога беше најзначајно. Поразот се должеше на прераниот почеток на славјето, но „црвено-црните“ резултатски го контролираа натпреварот повеќе од 50 минути и овој пласман е апсолутно заслужен. За разлика од Кјелце, кој стана европски првак па потоа не стигна да го брани трофејот во Келн, „вардарци“ направија чекор напред – па на 26 и 27 мај ќе играат во „Ланксес арена“ за да станат првиот клуб што две години по ред триумфирал на Ф4 турнирот.
Со карактерот што го поседува и адутит ешто ги има македонскиот првак, ништо не е невозможно.
Раул Гонзалес – „Командантот“ на „црвено-црната армија“ во последниот домашен меч во ЛШ на клупата на Вардар повторно донесе еуфорија – за нов пласман на фајналфор турнирот.
Поразот што остана запишан на семафорот не боли никого, Вардар има за што да слави, елиминирајќи уште еден германски џин, поранешен европски првак. „Ел Команданте“ поладнево играше „партија шах“ со Гисласон, и по почетната предност на гостите од 0-3, потоа Раул беше тој што секогаш во вистински момент ги влечеше вистинските потези.
Одбраната „5-1“ со Канелјас во првиот дел функционираше подобро отколку во Кил, во првото полувреме во главна улога беа „бомбардерите“ Борозан и Криштопанс. А кога Германците тргнаа понапред со зоната, во игра го уфрли Мораеш, кој исто како и на првиот меч беше значајно оружје против поранешниот клуб.
Арпад Штербик – Ако Раул е „командант“, тогаш Штербик дефинитивно е „генерал“ на овааа извонредна вардова екипа. И тој како и Гонзалес е на заминување, но ќе стори се за збогувањето да биде со нова европска круна. Штербик одбрани неколку важни топки, меѓу нив и клучната кога на помалку од пет минути до крајот и „минус еден“ го прочита противничкиот играч и го одбрани неговиот зицер од крилна позиција.
Вардар дефинитивно има шанси за повторување на ланскиот успех доколку Штербик биде на ова, или на уште повисоко ниво. Да се потсетиме, голманот лани беше избран за МВП на фајналфор турнирот.
„Црвено-црните“ воини – ракометот сепак е колективен спорт, па иако Гонзалес и Штербик се наоѓаат на врвот на пирамидата заслугите за овој фајналфор одат буквално кај сите. Да не заборавиме, при 0-3 притисокот врз себе го презеде Борозан, важни голови постигнуваше и Криштопанс, во вториот дел погодуваше и Канељас, како и Мораеш – да не го заборавиме и Македа и неговиот „златен гол“ во Келн.
Тимската игра отсекогаш била клучен квалитет на Вардар, а главен проблем за противниците е да погодат кое ќе биде главното оружје на „црвено-црните“ за секој нареден натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА