Заостанати натпревари ПЛМ: Гостивар го пречекува Куманово, Пелистер гостува кај ТФТ

Густиот распоред во Првата лига продолжува денеска со четири заостанати натпревари од третото и четвертото коло. Богатиот кошаркарски ден започнува од Струга каде во 16 часот, Црн Дрим ќе го угости составот на Академија ФМП во обид да се прекине серијата на порази која брои седум во низа.

Избраниците на Чочороски во овој натпревар влегуваат по поразот од Кожув, а за да се надеваат на победа против разиграните „пантери“ ќе мораат да ги поправат грешките и да заиграат на нивото од дуелот против Работнички. За разлика од стружани, избраниците на Петровиќ на крилјата на победата над Работнички, ќе се обидат да влезат во нова победничка серија. На денешната средба ќе биде интересен бековскиот дуел каде ќе се соочат Каухард од едната и Крстајиќ од другата страна.

По големите проблеми кои ги предизвика корона-вирусот во редовите на Кожув, гевгеличани полека фаќаат залет. По победата над Црн Дрим во претходното коло, избраниците на Јончевски сега ги очекува дуел против нов тим од дното на табелата – Вардар (17:30).

Двата тима се во нагора линијата кога формата е во прашање, новите засилувања на Вардар докажаа дека „црвено-црните“ не смеат да бидат потценети во продолжетокот од сезоната, па ќе биде интересно да го проследиме денешниот дуел.

Најинтересниот дуел денеска ќе биде одигран во Гостивар каде избраниците на Србиновски го пречекуваат Куманово од 18 часот. Дуелите на „сино-белите“ никогаш не разочаруваат па се надеваме дека така ќе биде и денеска. Во последните пет меѓусебни дуели, Гостивар доби четири средби, а два од нив беа одлучени на „една топка“.

Во центар на вниманието денеска ќе биде центарскиот дуел помеѓу Тодоровиќ и Андрејевиќ, двата играчи се наоѓаат во топ пет листата на „скокачи“ во лигата, а заштитата на рекетот може да се воспостави како клуч за победа на денешната средба.

 

Богатиот прволигашки ден завршува со дуелот на „Кале“ каде од 18 часот, ТФТ ќе се обиде да му го нанесе првиот пораз на Пелистер оваа сезона. Двата тима имаат асови во своите редови кои можат да одиграат на врвно ниво па ќе биде интересно да видиме како младиот состав на Смилковски ќе се обиде да го направи „невозможното“ против искусниот состав од Битола.

Клучна улога на овој натпревар може да одигра Амир Смит, атлетскиот центар на тимот од Тафталиџе кој ќе снесе голем товар во одбраната на рекетот и Игор Кесар. Играта во транзиција ги краси „црно-белите“ оваа сезона, па останува да видиме како Стајиќ, Калахан и Вилијамс ќе одговорат на предизвикот.

Се вчитува...