Започнува битката за плеј-оф и опстанок

Прволигашките возбудувања продолжуваат денеска со три средби за опстанок во „елитата“ на македонската кошарка, и една битката за место помеѓу најдобрите четири тима во првенството.

Во Суперлигата први силите ќе си ги одмерат Еуро Никел и Гостивар, натпревар кој ќе биде одигран во „Јасмин“ со почеток од 18 часот. Двата тима претрпеа промени во ростерот во пресрет на победничката фаза од натпреварувањето, а ќе биде интересно да видиме како Лука Стојановски, односно Кахим Рансон ќе се поклопат во новите средини.

Еуро Никел со ангажманот на Стојановски не го реши проблемот на високите позиции, но доби играч кој може да го крене напаѓачкиот ритам во најстариот тим во првенството и јасно е дека ќе биде големо освежување. Гостивар пак со потписот на Рансон доби играч чии способности се поклопуваат со тие на Ијасу Ворку, но останува да видиме како Американецот ќе одговори во тимската игра.


Борбата за опстанок започнува со „соседскиот“ натпревар помеѓу Ангели и Академија ФМП од 17 часот.  „Академиците“ кои по регуларниот дел од сезоната изборија место во Суперлигата поради адимистративни причини нема да играат меѓу најдобрите шест тима, а математички веќе имаат изборено и опстанок па овој меч ќе биде далеку позначаен за новлијата.

Ангели во борбата за опстанок влегуваат со само две победи по регуларниот дел и секој натпревар до крајот ќе биде „да се биде или не“. За истата тренерот Митев ќе може да смета на Славчо Темелковски, Родни Хендерсон и Немања Каралиќ кои во изминатиот период го засилија тимот.

Во истиот час започнува и натпреварот помеѓу МЗТ Скопје 2 и Работнички во кој ситуацијата е слична. Нашиот најтрофеен тим само чудо може да го врати во Втората лига, за разлика од аеродромци кои мораат да одиграат максимално до самиот крај.

Во регуларниот дел овие два тима ги поделија бодовоите, Работнички славеше во Аеродром, додека МЗТ Скопје 2 на „Кале“ па ќе биде интересно да видиме кој ќе стигне до втората победа.

Од 18 часот и 30 минути во Гевгелија силите ќе си ги одмерат Кожув и Куманово. Двата тима се наоѓаат на добар пат да изборат место во „елитата“ и следната сезона, а со победа во овој натпревар ќе бидат чекор поблиску до целта.

Се вчитува...