Зеќири МВП на месецот во шампионатот на Косово

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Лејсон Зеќири е избран за најкорисен играч (МВП) за месец септември во косовската Суперлига.

Зеќири, кој настапува за екипата на Башкими од Призрен, доби голем поттик за одличниот старт на новата сезона. Ова престижно признание му беше врачено непосредно пред почетокот на натпреварот против Трепча.

Македонскиот интернационалец уште на самиот почеток на шампионатот потврди дека ќе биде клучниот лидер во својот тим. Во убедливиот триумф над Јили, тој постигна 17 поени, четири скока и една асистенција (индекс 17). Одличната форма ја потврди и во дербито против актуелниот шампион Трепча, каде што придонесе со 10 поени, осум скока и три асистенции во победата на неговиот тим со резултат 84-76.

Ова признание доаѓа во клучен момент за Зеќири, чија врвна форма ќе биде од исклучително значење за македонската репрезентација пред претстојните претквалификации за Европското првенство и дуелот против Кипар на домашен терен.

Се вчитува...