Зекири оптимист: Македонија сега е најквалитетна што може да биде

Лејсон Зеќири е еден од повратниците во сениорскиот национален тим и максимално подготвен го очекува она што следува – дуелот со Австрија на 30 август во Виена.

Овој натпревар според прогнозите може да биде пресуден за нашиот пласман во главните квалификации за ЕП, а крилниот центар верува дека со квалитетот што го поседува составот предводен од селекторот Берокал може да стигне до посакуваниот триумф во австриската престолнина.

„Имаме еден натпревар во овој претквалификациски циклус, односно ФИБА „прозорец“, оној против селекцијата на Австрија. Очекувам да го добиеме. Го комплетиравме тимот, ни се придружи и Мозес Рајт и мислам дека сега сме најквалитетни што можеме да бидеме“, вели Зеќири.

Австрија според ранкингот важи за сериозен противник, но Зеќири посочува дека македонскиот тим пред сè мора да биде концентриран на сопствената игра.

„Без оглед на сè, ние треба да ја гледаме само нашата работа. Има неколку денови до натпреварот во кои извесно ќе погледнеме и видео-материјали за тоа како игра нашиот противник. Ќе видиме што треба да подобриме и на што треба да работиме. Во овие денови ќе се фокусираме на тоа како да одиграме против Австрија“, истакнува Зеќири.

Се вчитува...