ЖФК Љуботен супериорно до есенската титула

Aктуелниот шампион на Мaкедонија  во женскиoт фудбал, ЖФК Љуботен од Тетово супериорно чекори кон нова титула. Без проблеми и без пораз ја освои есенската титула во Првата лига на Македонија со девет победи и едно реми, она гостинското со најголемиот конкурент за тронот Саса Каменица.

На девет натпревари, фудбалерките од Тетово постинаа дури 69, а примија само 6 гола.  Гол разлика за почит. Имаат освоено 28 бодови, три повеќе од Саса и веруваат дека тоа на крајот ќе им биде доволно да ја сочуваат титулата првак на Македонија и повторно да играат во квалификациите за пласман во група во Лигата на шампиони. Највисока победа изминатава есен ја забележаа против екипата на Речица од Куманово со 14-0.

Голгетер на екипата е Бразилката Присцила Едите Силва која на девет меча има постигнато дури 22 гола и убедливо води на листата на стрелците во Првата лига. Немаше натпревар а таа да не постигне гол. Дресот на Љуботен го носат уште две Бразилки, Маиса Бенедито Делгадо и Теури Харуму Гоја, кои заедно со Сања Ратковиќ и Анѓела Миловановиќ од Србија се носителки на играта на тетовскиот клуб. Покрај нив заслужни за успехот се сигурно и Магдалена Лекоска, Елена Петревска, Христина  Јошевска, Павлинка Николовска, Александра Марковска и Теодора Јанковска, стандарни репрезентативки на Македонија. Ова е елитниот состав на Љуботен, но не треба да се заборават и Мила Павловска, Ива Јовановска, Сара Нусеин, Стефани Петревска, Росана  Китановска, Ангела Ваневска, Мирјана Ѓеровска и Елена Симјонова, кои имаат значителен придонес за одличните есенски резултати на Љуботен.

Љуботен годинава играше и во квалификациите за групната фаза на Лигата на шампионите, но неискуството придонесе за двата убедливи порази: против Сент Полтен од Австрија (0-7) и Локомотив од  Бугарија (1-5).

Тренерот на Љуботен, Ивица Радоњиќ е задоволен од постигнатите есенски резултати, очекува дека ќе продолжат и во пролетната сезона бидејќи смета дека екипата полека се воигрува и ќе може да се носи со посилни екипи надвор од Македонија. Тренираат и своите натпревари во Тетово ги играат на Спортскиот центар на АМС. Голема желба им е да одиграат некој меѓународен меч на стадионот„ Тоше Проевски“ во Скопје. Немааат некоја голема финасиска поддршка од градот, благодарни се за помошта од Фудбалската федерација на Македонија, која финансиски ги помага женските клубови, но тоа сепак не е доволно. Но тука се група ентузијасти од Тетово, кои го сакаат Љуботен, на чело со Драгољуб Јовановски, кој е „алфа и омега“ во клубот и кој е иницијатор за неговото формирање  и одржување на фудбалската карта на Македонија.

М.Мицковиќ

Се вчитува...