Жорге Мендеш го ‘мести’ Лорен Блан за нов тренер на Барселона

Барселона ја загуби шампионската трка со Реал Мадрид во Ла Лига и прашање е на време кога Кике Сетиен ќе биде сменет од тренерската позиција на каталонскиот тим. Незадоволни се сите, раководството поради слабите резултати, а фудбалерите затоа што Барселона не игра допадлив фудбал. Тоа го потенцираше и Лионел Меси по поразот од Осасуна на „Камп Ноу“, а кога Аргентинецот ќе каже нешто веднаш и светнува алармот во редовите на Барса.

Јасно е дека по завршувањето на сезоната ќе има преговори за нов тренер на „Камп Ноу“. Еден од најдобрите светски менаџери, Португалецот Жорге Мендеш. веќе реагираше и како свој кандидат за тренерското место го понуди Французинот Лорен Блан. Тој е без работа од 2016 година, кога замина од Пари Сен Жермен. Беше и селектор на француската фудбалска репрезентација, а тренерската кариера ја почна во Бордо.

Лорен Блан беше фудбалер на Барселона во сезоната 1996/97, добро ја познава атмосферата на „Камп Ноу“ и јасната стратегија да се биде најдобар во Ла Лига и во Лигата на шампионите.

Покрај Блан, како најсериозни кандидати за нов тренер на Барселона се споменуваат и Чави Хернандез, Масимилијано Алегри, Роналд Куман, Ерик Тен Хаг…

Се вчитува...