Зидан: Нешто недостасуваше во нападот, нема да се предадеме!

И покрај ремито без голови со Гетафе на домашен терен, тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан не беше незадоволен од прикажаната игра на своите фудбалери.

На натпреварот од 31. коло во Ла Лига, Реал имаше само два удари кон противничкиот гол, додека Гетафе беше многу поконкретен, упати вкупно 19 удари, девет повеќе од фаворитите, од кои шест беа во рамките на голот. Сепак, мрежите не се тресеа.

„Морам да им честитам на моите играчи, бидејќи не беше лесно. Бевме многу добри во дефанзива, и ни фалеше нешто во нападот. Мораме да продолжиме, бидејќи има уште многу бодови во лигата. Нашите противници играа добро и ни ги отежнаа работите, тие само се бореа за себе. Добивме уште еден бод, но ние нема да се предадеме“, рече Зидан.

Зизу потенцираше дека неговиот тим се уште е мотивиран за оваа сезона, па најави дека борбата за титули ќе продолжи.

„Тимскиот дух е сè уште добар, нема граници за овој тим. Треба да се одмориме и да се вратиме на работата. Имаме и многу отсутни играчи, иако не сме единствени на кои тоа им се случува“, заклучи Зидан.

Реал остана втор на табелата во Ла Лига со 67 бода, има три бода помалку од лидерот Атлетико и два повеќе од Барселона, која има натпревар помалку.

Се вчитува...