Зидан: Се уморив да слушам дека Реал победува поради судиите и ВАР-системот

Реал Мадрид успеа да го победи Атлетик Билбао со 0-1, а победничкиот гол повторно беше дело на капитенот Серхио Рамос од пенал. Идентично како и на претходниот натпревар против Хетафе на домашен терен. Ова донесе многу полемики во шшанската фудбалска јавност, но тренерот Зинедин Зидан вели дека е уморен од озборувањата дека „кралевите“ победуваат со помошта на судиите и на ВАР-системот.

„Уморен сум, навистина, затоа што постојано се форсира истата теза дека ние победуваме единствено поради судиите и одлуките што се донесени со ВАР-системот. Мора многу повеќе да го респектирате Реал Мадрид за тоа што фудбалерите го прават на теренот. Никој нема да не спречи да стигнеме до целта, ние ќе продолжиме да се фокусираме на фудбалот и на ништо друго“, изјави Зидан по триумфот во Билбао.

Тој вели дека е задоволен што Реал Мадрид четврти натпревар последовно нема примено гол, а тимот реди победи.

„Мора да им честитаме на фудбалерите, играат пожртвувано, сакаат да ја остварат целта, а тимот го пронајде балансот и во одбраната сме речиси перфектни. Офанзивно мислам дека можеме и многу подобро, но мора да знаеме и дека ритамот е сепак пренапорен“, дополни тренерот на „кралскиот клуб“.

 

Се вчитува...